Романските власти денеска започнаа итни работи за продлабочување на коритото на Дунав за да го зголемат протокот на реката кон единствената нуклеарна централа во земјата, АЕЦ „Черна Вода“, откако националната компанија „Нуклеарелектрика“ предупреди дека вториот реактор би можел да биде исклучен веќе на 13 август поради историски нискиот водостој.

Нивото на Дунав — втората најдолга река во Европа — денеска падна на најниско ниво во историјата, при што протокот на влезот во Романија изнесуваше само 1.370 кубни метри во секунда. Во подрачјето на „Черна Вода“, водостојот е на само три сантиметри над критичниот праг што бара контролирано исклучување и на вториот блок. Централата располага со вкупно два реактора кои обезбедуваат околу 20 отсто од електричната енергија во Романија, а првиот реактор веќе беше превентивно исклучен поради сушата.

Како што јавува телевизијата „Диџи 24“, романската влада на вонредна седница одобри дополнителни 5,1 милиони леи за продолжување на ископувањата, откако претходните мерки — минирање на карпести формации и потопување четири шлепа натоварени со камења за изградба на вештачки праг — не ги дадоа очекуваните резултати.

Поради драматичната состојба, проблемот денеска се разгледува и во Брисел, каде што Координативната група за електрична енергија при Европската комисија одржа онлајн состанок. Букурешт бара активирање вонредни процедури за увоз на струја и повторно преговарање за Националниот план за закрепнување и отпорност (НПОО), со цел да се одложи рокот за затворање на термоелектраните на јаглен (предвиден за 31 август) сè додека трае енергетската криза.

Романија веќе прогласи состојба на зголемена готовност во енергетскиот сектор за целиот август. Властите апелираа до индустријата и домаќинствата за доброволно намалување на потрошувачката во вечерните часови, а подготвен е и механизам за фазно ограничување на снабдувањето на големите индустриски капацитети доколку тоа биде неопходно.