За време на гаснењето на пожарот што избувна во ниска вегетација во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, што веќе е ставен под контрола, пожарникарите пронајдоа тело во изгорен автомобил, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот избувна околу 15.30 часот, интервенираа 121 пожарникар, со два пешадиски тима и 36 возила, меѓу кои и 23 пожарникари со пет возила од Романија и 18 пожарникари со три возила од Франција, кои се во Грција во рамките на европскиот механизам за цивилна заштита, а од воздух беа ангажирани и периодично учествуваа два авиони и два хеликоптера.

Огнената стихија, поради големиот број противпожарни сили, експресно беше ставен под контрола.

За време на гаснењето било пронајдено телото на лице чиј идентитет засега е непознат, а се истражува веројатноста, пожарот да се проширил откако се запалил автомобилот.

Веднаш по избувнувањето, од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за информирање на лицата кои се наоѓаат во поширокото подрачје на пожарот.