Навивачката група Комити подготвува масовен настан за оддавање почит на македонскиот великан Гоце Делчев на 4 мај, на денот на погибијата, во Скопје.

– Да го преплавиме светото и историско место со Комити, Војводи, Македонци, чесни луѓе, сите оние кои даваат искрена почит без скриени намери, провокации или аспирации, се вели во повикот на Фејсбук.

Комити Скопје потсетуваат:

– Помен којшто секоја година од осамостојувањето на Македонија го даваме, исто како што го обележуваме и денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев, 4 февруари, 1872 година. Но, токму на тој ден, 4 февруари, годинава првпат бевме спречени да му оддадеме почит на македонскиот национален херој, од причини непознати дури ни на оние кои не спречија. Досега секогаш бевме организирани како делегација, не повеќе од 30-тина, да оддадеме почит во името на сите, со цел да не создаваме гужви. Но, поради она што ќе го прочитате подолу, од сега па натаму овој настан станува јавен, и преставува јавен повик до нашето членство масовно да го посетува и секојпат да дава до знаење дека Гоце Делчев живеел, работел, размислувал, се борел и на крајот херојски загинал за Македонија, значи за Македонија, порачуваат Комити.

Тие натаму го објаснуваат поводот за кој биле спречени на чествувањето на роденденот на македонскиот револуционер:

– Првиот повод за спречувањето беше дека меѓу другите гости имало и висока бугарска делегација, најавена да го посети гробот, па да спречеле можен инцидент. Но, токму напротив е она што е вистина… Доаѓале и предходно странски делегации, амбасадори, политичари како и почитувачи на ликот и делото на Гоце Делчев, и секогаш со респект и воодушевување сме гледале кон сите нив, бидејќи изразуваат почит кон револуционер, идеен деец и великан кој животот го дал за својата земја Македонија! Прашавме отворено, но не добивме одговор: Зошто некој би имал индиции или сомневање зошто сега да е поинаку, и зошто би имало инцидент со бугарски политичари или делегација кои се поклонуваат на гробот на херој кој го посветил и на крајот го положил својот живот за Македонија во нејзините природни, географски, историски и етнички граници? Вториот повод било дека сме требале претходно да најавиме за да можеме да дојдеме да изразиме почит. Повторно неточно, досега никогаш немало такви барања од наша страна и како доказ за тоа е нашето традиционално присуство како денот на раѓањето 4 февруари, така и на денот на Гоцевата смрт, 4 мај, сите изминати години уште од нашето основање, објаснуваат Комити.

Но, додаваат натаму, бидејќи такви биле новите правила, уште од сега го повикуваме нашето членство, нашите поддржувачи и нашите браќа и сестри Македонци масовно да ни се придружат на следното чествување и панихида на 4 мај 2019 година.

– Нека се пеат македонски песни. Нека се слават јунаците, нека се пее за Македонија. Сабота, 4 мај 2019 г. Собир во Парк и на кеј Кај Жабар во 10 часот и заедничка масовна поворка во 11 часот. Положување цвеќе и поклонување на гробот на македонскиот великан од 11:30 до 13:00 часот, објавуваат Комити.