Поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи искажа помирувачки тон кон талибанците и во интервју за Би-Би-Си изјави дека неговите неодамнешни контакти со радикалните исламисти биле многу добри за многу прашања, јави ДПА.
Карзаи, кој беше претседател на Авганистан меѓу 2001 и 2014 година и во тоа време водеше војна против исламистичката група, рече: – Ги гледам талибанците многу како браќа и сите други Авганистанци ги гледам како браќа.
– Земјата сега треба да се здружи. Ние сме народ. Ние сме нација. Сите Авганистанци страдаа.
Карзаи изрази оптимизам дека жените и девојчињата наскоро ќе можат да се вратат во училиштата, универзитетите и на работните места каде што во моментов им е забрането од талибанците.
Откако разговараше за ова прашање со талибанските водачи, Карзаи тврдеше: „Тие се согласуваат со нас, го разбираат тоа и велат дека ќе се случи“, иако тој не спомена датум.
Поранешниот претседател, исто така, ги повика Авганистанците кои побегнаа во странство додека талибанците повторно ја презедоа контролата врз земјата во август, да се вратат дома и да помогнат во обновата на Авганистан.
На прашањето дали има порака за американскиот претседател Џо Бајден, Карзаи одговори: „Подобро е да дојдат и да му помогнат на авганистанскиот народ. Тие, нивните сојузници и меѓународната заедница мора да помогнат Авганистан да се обнови, мора да ги залечат раните што се предизвикани од сите страни.