Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој беше уапсен вчера попладне при влегуивање во земјата, почна штрајк со глад и побара да се сретне со украинскиот конзул, јави грузискиот правобранител Нино Ломџарија.
-Кога го посетив, тој беше на лекар и на медицински прегледи. Подоцна ни беше дозволено да разговараме во затворската ќелија. Тој ни кажа дека најавува штрајк со глад, рече Ломџарија по средбата со Саакашвили, пренесе Тасс.
Правобранителот додаде дека поранешниот грузиски претседател ги негира обвинувањата и себе се смета за политички затвореник.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили вчера изјави дека нема да го помилува поранешниот претседател, а сега опозицискиот политичар Саакашвили, откако тој вчера беше уапсен на враќање во земјата, по осум години минати во бегство во Украина.
Веста за апсаењето ја објави премиерот Иракли Гарибашвили, откако Саакашвили, кој беше осуден во отсуство под обвинение за злоупотреба на службената положба, објави на својот профил на Фејсбук дека се вратил во земјата и се наоѓа во градот Батуми, што грузиските власти првично го негираа.
Грузиските власти постојано повторуваат дека Саакашвили, кој беше претседател на земјата од јануари 2004 до ноември 2013 година, ќе биде уапсен веднаш по неговото пристигнување во земјата.
Саакашвили е обвинет за злоупотреба на службената положба и прикривање на докази за кои во 2018 година беше осуден во отсуство на затворска казна, а тој тврди дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.