На подрачјето на Ресен и Битола денеска поради присуство на владини  делегации од државата и странство, ќе биде применет посебен режим во сообраќајот со запирање на сите возила и пропуштање на службените возила со првенство на минување.

СВР Битола ги известува граѓаните дека во времето од 8.00 до 18.00 часот ќе биде применет посебен сообраќаен режим со цел непречено и безбедно одвивање на закажаните настани за одбележување на годишнина од одржувањето на Битолскиот Конгрес и унифицирањето на албанската азбука, и за таа цел СВР Битола ќе воспостави посебен режим на сообраќај.

Во Битола за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Билбил камен“, „Довлеџик“, булеварот „Први Мај“ ќе биде затворен од двете страни до крстосница со улица „Столарска“, улица„ Добривоје Радосављевиќ“, „Лазо Трповски“, „Рузвелтова“, „Никола Тесла“ и улицата „Димитар Илиевски Мурато“ што се наоѓа во строгиот центар на градот.

СВР Битола апелира учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќајот кој утрово почнува во 08 и ќе заврши во 18 часот.

Фото: МИА