Германската енергетска компанија РВЕ постигна договор со Националната нафтена компанија Абу Даби (ADNOC). Станува збор за договор за испорака на течен природен гас за најголемата европска економија до крајот на декември, објави денеска РВЕ.

Соопштението дојде за време на вториот ден од престојот на германскиот канцелар Олаф Шолц во регионот на Персискиот Залив во обид да обезбеди алтернативни извори на енергија.

„Треба да се погрижиме производството на ЛНГ (течен природен гас) во светот да биде унапредено до точка каде што можеме да ја задоволиме огромната побарувачка што постои без да мораме да прибегнуваме кон производствениот капацитет што постои во Русија“, рече Шолц на новинарите пред објавен договор.

Како дел од првата испорака на ЛНГ, 137.000 кубни метри ќе бидат испорачани на терминалот за ЛНГ во Брунсбутел кај Хамбург, објави РВЕ.

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал-Нахјан, потпиша договор со Шолц кој го покрива забрзувањето на енергетската безбедност и индустрискиот раст. Шолц отпатува за Катар по средбите во Абу Даби. Тој вчера во Џеда разговараше со принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман.