Министерството за јавно здравје на Белгија денеска соопшти дека се потребни 450 години за да се разградат пластичните заштитни маски за превенција на заразата од Ковид-19, јави МИА од Брисел.
Информацијата е објавена денеска преку националната белгиска агенција, Белга, врз основа на податоци на одделот за заштита на морската средина во Министерството за здравство.
Министерството од денеска започнува кампања за сензибилизација на граѓаните насловена „Морето почнува кај вас дома“.
Од почетокот на здравствената криза властите забележуваат наплив на фрлени пластични маски по улиците и во Северно Море и предупредуваат дека процесот на разградување на овие маски е екстремно долг.
Дури и по 450 години малите пластични фрагменти од маската сѐ уште не се целосно елиминирани, информираат од Министерството.
Освен фрлени маски, сѐ повеќе се наоѓаат и пластични заштитни ракавици и шишенца од гелови за дезинфекција по плажите и улиците во Белгија, покрај веќе постоечките осум милиони тони пластичен отпад.
– Морските животни можат да ги поистоветат овие предмети со медузи, кога ги голтаат нивниот стомак веднаш се полни, но без никаков нутритивен придонес, што со тек на време ги ослабнува. Се случува животните да бидат заглавени во маските, и, конечно, микрочестичките можат да се најдат во нашата исхрана, соопшти белгиското Министерство за здравство.
Кампањата ги повикува граѓаните да бидат совесни и да ги фрлаат маските во канти за отпад или да изберат маски за повеќекратна употреба.