Најмалку 51 лице загина, а десетици се повредени во поплавите и свлечиштата во југоисточниот дел на Бангладеш, предизвикани од обилните монсунски дождови кои почнаа минатата недела, соопшти денеска владата.

Голем појас земјиште во седум од 64-те административни области во Бангладеш е поплавен откако од вторникот регионот е погоден од силни дождови, што засегна повеќе од еден милион луѓе, при што многу жители сè уште се отсечени.

Најмалку 28 лица загинаа во областа Кокс Базар, од кои мнозинството се муслимани Рохинџи кои живеат во пренатрупаните бегалски кампови, наведуваат од владата.

Министерството за управување со катастрофи и помош соопшти дека поплавите и свлечиштата усмртиле 13 лица во Чатограм, шест во Бандарбан, три во Рангамати и едно во Моулвибазар. Не се пријавени смртни случаи од другите две области погодени од поплавите, Хабигањ и Кхаграчхари.

Министерството исто така извести дека 39 лица се повредени, додека 38.422 луѓе биле преместени во привремени засолништа, пренесе ДПА.

Центарот за прогнозирање и предупредување од поплави предвидува дека се очекуваат нови врнежи во североисточниот дел на Бангладеш и во индиските држави Асам и Мегалаја до вторник наутро. Поради тоа, некои реки во северниот и североисточниот дел на Бангладеш можат дополнително да надојдат и да предизвикаат краткотрајни поплави во низинските подрачја, изјави Мостафа Камал, официјален претставник во центарот.

Снимките од Кокс Базар покажуваат многу поплавени домови и обработливи површини, од кои се гледаат само лимените покриви. Жителите можат да се видат како ги носат своите работи со кренати раце низ вода длабока до градите.

Обилните дождови во текот на ноќта поплавија и многу делови во главниот град Дака, што денеска предизвика сериозен сообраќаен колапс низ целиот град.