Идејата за отворање сопствен бизнис по враќање од странство станува сè почеста практика за иселениците од Пијанечко.

Еден од последните примери за тоа е Киро Гоцевски од делчевското село Нов Истевник. По 20 години работа во Швајцарија, тој решил да се врати во родниот крај и да ја реализира својата идеја што ја имал повеќе од 15 години. Отворил фарма за магариња, идеја што на прв поглед можеби за многумина звучи чудно, но само за оние што не ја знаат вредноста на магарешкото млеко, кое поради неговите лековити својства е меѓу најбараните и најскапи производи во западните земји. Разговорот со Гоцевски го започнавме токму за неговата идеја за основање на неговата фарма во Нов Истевник.

– Јас сум Киро Гоцевски од село Нов Истевник и сум сопственик на фарма за магариња. Идејата ја имав уште пред 15-16 години. Додека работев во Швајцарија, создавав терен за овој бизнис, за кој имам околу 250 декари земја. Во Швајцарија претходно работев 20 години, но еден ден ми „пукна филмот“ и решив да развивам бизнис во Македонија, раскажува Гоцевски.

Моментално тој одгледува 43 магариња, од кои 41 женско и две машки. За нив се грижи лице од селото кое го вработил и негова обврска е одгледувањето, вклучително и молзењето, додека Киро е задолжен за набавката на храна за магарињата.

– Магарето е тешко за чување, не е како кравите, да ги пуштиш на едно место и таму да пасат. Магарето сега ќе го видиш овде, потоа онаму. Што се однесува до храна, набавувам од сите страни, земам буквално од секој што сака да продаде. Досега за храна имам потрошено околу 2000 швајцарски франци, но во иднина планирам сам да ја произведувам. Имам заградено земјиште од четири хектари за таа намена, подготвувам и друго земјиште од четири хектари, за бргу време ќе биде подготвено и тоа земјиште, со што планирам магарињата таму да ги пуштам на испаша, објаснува Гоцевски.

Продажбата на млеко во време на корона засега му оди тешко. Засега има три молзници, а според очекувањата, следната година нивниот број би се зголемил.

– Сега со коронавирусот сме на нула, продажбата е ослабната, според мое мислење најмногу поради коронавирусот. Пред појавата на корона имавме поголема побарувачка. Еве, денес имав едни луѓе од Велес, зедоа еден литар, исто така едни луѓе од Бигла рекоа ќе купат половина литар, наменето за луѓе во Облешево, но сепак тоа е далеку од очекувањата. Моментално имам три молзници, ама в година во ова време очекувам 15 литри млеко на ден. Од тие што ги имаме три молзници до јули чекаме да ни се опулат (младо од магаре се вика пуле), уште 4-5 магарици, што значи дека со сегашниве три ќе имам вкупно седум молзни магарици до крајот на јули, а тоа е негде три литри млеко на ден, додава делчевскиот иселеник од Нов Истевник.

Иако три литри млеко на ден изгледаат малку, сепак цената што на некои пазари во странство достигнува и до 80 евра по литар кажува дека количината е сосем солидна за почеток.

– Цената на магарешкото млеко во странство е 50 евра замрзнато, додека свежо млеко достигнува до 80 евра. Ова е цена во Хрватска, мој колега кој требаше во март да биде мој гостин по споменатата цена го продава млекото. Со него требаше да се сретнеме во март годинава, но поради коронавирусот таа средба се одложи, додава Гоцевски.

Цената на магарешкото млеко не случајно е висока. Тоа, според делчевскиот фармер, се должи на широката палета лековити својства што ги има млекото.

– Магарешкото млеко е антибиотик и е лек за сите болести. Неговата лековистост е потврдена особено за астма, бронхитис и голем број други болести. Имаме продавано млеко на лице кое било оперирано од канцер и по консумирањето неговиот лекар се изненадил од особено добрите резултати. Значи, ако малку пребарате по интернет, ќе видите дека млекото е лек за секакви болести, појаснува Гоцевски.

Гоцевски е семеен човек, но поради тоа што долги години живеел во Швајцарија, семејството му е таму, синот и ќерката на училиште, додека неговата сопруга се грижи за нив. Тој секој ден од Делчево доаѓа во селото и се грижи за фармата. Планира да ја прошири и да си подготви простор за живејачка и на имотот во селото. Исто така планот му е да го зголеми стадото со магариња. Моментално е преокупиран со регистрирање на домашните животни, за кои веќе обезбедил ветеринарен пасош.

– Магарињата ми се регистрирани кај ветеринар, сега правам пасоши за магрињата, но поради короната малку е во застој работата. Идејата е од 40 магариња да ги направам 140 и да развијам поширок бизнис. Покрај продажба на млеко, планот е да почнам со производство на магарешко сирење, сапуни, кремови… со еден збор бизнисот да се прошири на едно повисоко ниво, дециден е Гоцевски.

На крајот од разговорот со делчевскиот иселеник поразговаравме и за можностите што овде државата им ги нуди на сите што не се плашат од работа.

– За да дадам апел до сите што сакаат да работат повторно ќе се навратам на работата во Швајцарија. Таму бев околу 20 години и почнав да чувствувам дека не можам да ги работам тие тешки работи и си размислив, реков со тие некои пари што ги имам запечалено ќе си отворам сопствен бизнис, ако може да успее, добро. Таму бев во близина на Лозана во францускиот дел, почнав со лозарство, па работев печатница, па потоа во фабрика за делови во медицината, за на крај да местам врати и прозорци. Мислам дека во Македонија може да се заработат пари, но со правилно насочување на бизнисот и со работа, оти без работа нема пари, додава делчевскиот фармер.

Освен на фармата, Гоцевски е преокупиран и со одгледувањето сина слива, која ја засадил на површина од 50 декари, но за неа, како што рече, ќе зборуваме во некоја друга пригода.

Валери Спасевски за МИА