На 10 километри десно од регионалниот пат Делчево – Македонска Каменица, како дел од делчевското село Драмче, се наоѓа маалото што мештаните го нарекуваат Филиска Маала. Во ова место има десетина куќи, а во една од нив живее Кире Јанковски, повратник што по неколкугодишната работа во винарница во Италија решил токму во Драмче да изгради мала приватна сопствена винарница.

Својата приказна ја започна токму со работата во Италија, каде што ги научил основните работи за функционирањето на една винарница.

 

– Се наоѓаме во Филиска Маала во село Драмче, каде што сакам да реализирам една моја идеја, која повеќе би ја нарекол мерак, затоа што сум ја работел оваа работа во странство. Тоа го научив во Италија и по толку време одлучив овде да направам една мала семејна винарница. Е сега, ова е мала винарница и уште не е готова, почнавме оваа година да ја правиме и се надевам дека следната година ќе биде готова и љубителите на вино ќе можат да си купат вино. Произведувам една стара сорта вино што е во изумирање кртошија и исто така произведувам вино од сортата вранец, расажува Јанковски.

За почеток за производството на вино набавува квалитетно грозје од познати подрачја во Македонија, грозје што потоа го обработува со механизацијата и буриња што ги набавил од Италија.

 

– Грозјето е од селото Рибарци кај Росоман и од Кавадарци, додека механизацијата е увезена од Италија и е строго по стандардите за производство на вино. Откако ќе го набавам грозјето на оваа преса го истискувам, без разлика дали е бело или црно. По истискувањето на пресата, виното оди во овие буриња, каде што продолжува неговата тивка ферментација и му се потребни некаде два месеца да созрее, по што може да се консумира. Виното по два месеца созрева, што значи поминала тивката ферментација и може веќе да се пие, вели Јанковски.

Освен големите буриња, каде што за почеток произведува 2 000 литри вино, Јанковски има и посебни буриња од 225 литри чие вино ќе може да се проба по три години.

– Тука имаме две буриња од дрво, дрвени буриња што се донесени од Италија, а потекнуваат од Франција. Направени се од даб, а големината на бочвите изнесува 225 литри. Едно вино кога ќе отстане во бочвата три години се вика „барик“, значи изразот за тоа вино е „барик“ без разлика на сортата. Конкретно ова вино во овие бочви е тука веќе два месеца. Освен овие буриња, како што може да видите, во ова пластично буре се наоѓа вино што е херметичко затворено. Околу капакот има гума, кога сакаме да точиме вино го испуштаме воздухот од капакот, има вентил да не прима воздух и еве го виното. Ова е вино вранец, виното е готово за употреба и откако ќе наточиме, повторно со овој капак го затвораме херметички да нема допир со воздух и така може да седи многу време. Капакот го затвораме на 1 бар и сме спокојни, мирни дека виното ќе биде како што треба, објаснува Јанковски.

Виното го продава во специјални шишиња и се затворени со таканаречените плута (тапи), за што набавил специјален уред за затворање, по што има комплетно готов производ. Во едно од шишињата направи комбинација од двете сорти црно вино кои ги произведува и кои даваат различен вкус. Имавме можност да го почувствуваме одличниот вкус на виното за што Јанковски ни откри како се познава квалитетното вино.

– За да се консумира добро вино, најпрвин е важно држењето на чашата. Потоа со чашата се врти виното за да го разбудиме и да ја почувствуваме миризбата на виното. И сами можете да почувствувате дека виното е готово и е спремно за божиќните празници. Квалитетното вино ќе го познаете по овие линии на чашата, кои ако се задржат виното се доказ дека е квалитетно. За добро квалитетно вино е важен квалитетот на грозјето, потоа е важно во бурињата да нема никаков мирис. Преточувањето повеќе пати од едно буре во друго буре е исто така од огромна важност, за да го исфрлиме талогот. На крајот ако нема талог значи дека виното е готово и спремно за пиење, дополнува Јанковски.

Откако пробавме од виното го запрашавме новопечениот винар околу плановите за неговата инвестиција за која рече дека иако е скапа, парите не се важни, бидејки меракот и желбата да има сопствена винарница се пред сè останато.

– Финансиите не се прашање кога се работи со мерак и љубов. Цената на виното е некоја солидна, а затоа што е домашно виното имам купувачи кои откако ќе го пробаат пак доаѓаат да купат. За скоро време доколку времето послужи планираме да го дотераме објектот со тоа што ќе го покриеме. Целта е да се потрудиме да го развиеме селскиот туризам. За тоа се потребни вистински дегустатори на вино и добра волја, додава Јанковски.

Винарница без пушница или како некаде се нарекува сушница за месо не оди, па така Јанковски во близина изградил една таква и веќе ги суши првите парчиња месо.

– Во склоп со винарницата е направена оваа сушница, имавте можност да пробате, кој ќе дојде во иднина ќе има можност да проба, бидејќи нормално вино се проба со месо. Сушењето на месото е на природен начин, во горниот дел месото се суши само на ветер, што повеќе време се суши, толку е повкусно месото. Сушењето е во времетраење од два месеца и повеќе, секако во зима. Значи, се суши на природна топлина, без никакви штетни состојки, вели Јанковски.

Неговите родители се среќни што Кире останал да создава нешто на својот имот, но имаат поделени мислења, мајка му Мирса Јанковска не е задоволна од односот на државата кон младите, додека неговиот татко Фиданчо Јанковски вели дека децата треба да се вратат овде да работат.

– Тука се децата, Кире веќе почна со идејата, другиот син ми е во Бугарија на работа. Од нашата земја не можам да се пофалам, нема тука работа и затоа нашите деца се по странство и затоа не можам да ја пофалам државата. Сè помалку има деца и млади, само старите останаа, нема кој да работи, беспарица е, овде нема егзистенција, фабриките ги затворија и затоа народот еден по еден оди во странство, децидна е мајката на Кире.

– Добро е што синот остана овде да работи кај својата фамилија, а народот по странство што оди не е добро. Ние сме стари, веќе не можеме и е добро што е тука. А овде во маалото има живот, има седум-осум куќи, но повеќето се по странство, додуша има некои и овде. На младите ќе им порачам да си се вратат во својата земја, секој си има свој имот и земја и затоа е добро овде, зар мислите дека е арно во странство каде немаат ништо, додаде таткото на Јанковски.

Идејата за винарницата на својот братучед ја пофали и младиот Славко Јанковски.

– Тоа е нешто супер, само така да продолжи и да се зголеми бизнисот. Ако почне државата да субвенционира вакви идеи, ќе се вратат повеќе млади, вели братучедот на Кире, Славко Јанковски.

За крај новопечениот винар од Филиска Маала упати порака до сите кои имаат желба да не се двоумат и да започнат со реализација на своите планови.

– Од дома подобро нема тоа не го кажувам јас, туку и сите што се по странство. Сите што имаат идеја, само храбри чекори им посакувам и што побргу да ги остварат своите идеи, додаде за крај повратникот од Драмче.

Како добар домаќин Јанковски во пресет на Божик ни подари од превкусното вино. Ни остави отворена покана кога целата винарница ќе биде готова пак да го посетиме. Дотогаш се надеваме и патот до неговиот објект ќе биде порамнет, бидејки добивка од овој негов проект ќе има и самата општина, која со олеснување на пристапот до неговиот објект ќе придонесе за развивање на неговата идеја за развој на селскиот туризам.

Валери Спасевски за МИА