Со инциденти пред Претседателската палата и напад врз медиумска групација, со предизвикана материјална штета, повредени 12 полицајци и уапсени пет лица завршија синоќешните протестите во Никозија против мерките за Ковид-19 и вакцинацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Демонстрантите го нападнаа објектот на групацијата „Диас“, во кој е сместена и телевизијата „Сигма“, запалија паркирани автомобили и нанесоа штета на влезот на зградата.

Според кипарските медиуми, уапсени се пет лица, полицијата трага по уште десет, а повредени се 12 полицајци, од кои седум се пренесени во болница и двајца се со сериозни повреди.

Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис, во писмена изјава истакна дека инцидентите пред Претседателската палата, „што кулминираа со неоправдан и опасен напад врз групацијата „Диас“, е удар врз демократијата и владеењето на правото, нешто што не се толерира“ и додаде дека во опасност беа човечки животи.

Протестот беше организиран под мотото „Слободата е човеково право“, а демонстрантите извикуваа слогани против вакцинацијата и мерките за справување со пандемијата.