Во западноафриканската држава Мали извршен е напад на патрола на германски војници, членови на мисијата на ООН. Мировната команда од Бундесверот потврди дека биле нападнати германски војници.
„Билд“ тврди дека во нападот биле повредени 15 германски војници, од кои тројца се здобиле со потешки повреди. Бундесверот испрати авион до Мали за да ги евакуира повредените војници.
Нападот се случил на околу 155 километри западно од Гао, каде германски контингент сини шлемови бил стациониран во кампот „Кастор“. Според „Билд˝, нападот бил извршен од бомбаш-самоубиец кој активирал автомобил-бомба во близина на војниците. Бундесверот издаде забрана за објавување информации за нападот, бидејќи семејствата на повредените сè уште не се информирани.
Најавено е дека министерот за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ќе и се обрати на нацијата за овој настан. Мисијата на ОН „Минусма“ во Мали има мандат да ја стабилизира состојбата во земјата.
Инаку, „Минусма“ преку Твитер соопшти дека во нападот се повредени 15 војници, без да ги наведе националностите на повредените. „Минусма остро го осудува овој напад со желба повредените брзо и целосно да се опорават“, беше наведено на Твитер.