Во Србија од полноќ на 14 април почна изборниот молк поради повторување на гласањето што ќе се одржи в сабота, на 16 април, на 54 места за парламентарните избори, на 35 места за претседателските, додека во градот Белград повторно ќе се гласа во шест избирачки места, јави дописникот на МИА од Белград.

Според одлуките на Републичката изборна комисија (РИК), поради нерегуларности на овие избирачки места, изборите повторно ќе се одржат на национално и парламентарно ниво, додека Градската изборна комисија (ГИК) во Белград одлучи да се повтори гласањето за Собранието на град Белград.

За повтореното гласање на изборите за пратеници ќе бидат испечатени 32.181 гласачки ливчиња, додека за претседателските избори повторно ќе може да гласаат 28.687 граѓани.

На изборите во Белград вкупниот број на гласачи на овие шест избирачки места е 5.803 лица.