Едно лице почина, а тројца се повредени, во пожарот што денеска избувна во деловен објект на улицата „Јордан Мијалков“ во близина на Рамстор Мол.

Командирот на Територијалната противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски изјави дека пожарот е изгаснат и интервенирале со осум возила и 22 пожарникари.

Животот, како што неофицијално е објавено, го загубило едно 25-годишно момче кое починало во пожарот што попладнево се случи во сервисот за мотори Тјунинг. Според информациите од полицијата, додека вработените правеле сервис на мотор, во еден момент експлодирала плинска боца. На самото место починало едно лице, а тројца се повредени меѓу кои и сопственикот на сервисот.

Полиција врши увид на местото на несреќата.