Голем пожар повторно се разгоре над штипско Ново Село, предизвикувајќи сериозна загриженост кај локалното население. Според информациите од терен, огнената стихија брзо се шири низ исклучително непристапен предел, а веќе се зафатени и неколку викендички.
Граѓаните упатија итен апел до надлежните институции да ги ангажираат сите расположливи ресурси за справување со пожарот, особено воздухопловните средства за гаснење од воздух, бидејќи пристапот до дел од зафатеното подрачје е речиси невозможен за копнените екипи.
-Потребна е итна интервенција од воздух. Пожарот се движи низ непристапен терен, а силниот ветер дополнително го разгорува. Постои опасност огнот да се прошири кон поголеми шумски површини и да предизвика уште поголеми штети“, апелираше претходно штипски пожарникар.
Според нивните сведоштва, станува збор за повторно активирање на пожарот кој избувнал вчера, при што дел од граѓаните изразуваат сомнеж дека огнот повторно е намерно подметнат.
Во меѓувреме, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека во гаснењето веќе е вклучен „ер трактор“ на ДЗС.
-Веќе дејствува ер трактор на ДЗС. Има повредено лице, сопственик на викендица зафатена од пожарот. Наскоро ќе бидам на лице место, потврди Ангелов.
Надлежните продолжуваат со напорите за локализирање на пожарот, додека жителите стравуваат дека без брза и координирана реакција огнот може да предизвика уште поголема материјална штета и да зафати нови подрачја.
https://www.facebook.com/aleksandar.gorgievski.146/videos/922857880808887/?t=43




