Повеќе часа 21 пожарникар го гасеа пожарот на отпадно железо, пластика и друг отпад, што синоќа изби во кругот на скопска Железара, од каде што се ширеше чад и непријатна миризба, на што реагираа граѓани и од повеќе делови на Скопје. Пожарот во кој нема повредени, е изгаснат.
Првично реагирале службите на фабриката, а потоа побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, а подоцна во гасење на пожарот со неколку цистерни се приклучија и екипите на ЈП Водовод и канализација и Комунална хигиена.
Командантот на противпожарната единица, Ѕвонко Томевски рече дека на терен од вчераноќ биле 9 противпожарни возила.
– По моја слободна проценка во „Макстил“ се запалени се околу 500 метри кубни суровинско отпадно железо, кое било помешано со пластика и друг отпад. Ноќеска имавме бројни јавувања од граѓаните, бидејќи чадот се рашири низ градот. Пријавата ја добивме во 23.30 часот, а пожарот избувнал неколку часа порано и кога стигнавме таму веќе беше распламтен огнот со висока температура, а отпадното железо беше во фаза на топење, вели Томевски.
Томевски вели дека во интервеницијата во која учествувале 21 пожарникар, единицата имала потреба од поголема количина вода и покрај тоа што се гасело со осум противпожарни возила.
Три цистерни биле донесни од Водовод, и три од Комунална хигиена, како и една цистерна од рафинеријата Окта, која е во близина.
На социјалните мрежи вчера скопјани алармираа дека Скопје е во чад и дека се гуши, прашувајќи што се случува и барајќи ја причината за загадениот воздух.
Увидот и понатамошната истрага ќе утврдат што го предизвикало пожарот.