Деновиве е поднесен предлог-закон за измена на постоечкиот во скратена постапка, со што седиштето на Правниот факултет од Кичево се сели во Битола. Предлогот е поднесен од битолските пратеници Александар Кирацовски и Горан Милевски, а на тоа реагираше Антонио Милошоски, кој доаѓа од Кичево.

– Правниот факултет во Битола претставува дисперзирана испостава на Правниот факултет со седиште во Кичево, каде што токму во седиштето имаме негативен тренд на запишување студенти, а позитивен тренд на запишување на студенти и квалитет во Битола. Исто така имаме и голем број институции, Основен и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, 146 регистрирани адвокати и адвокатски друштва, 7 извршители и 13 нотари. Имаме голем број институции, приватни комапнии и невладини организации. Токму овие аргументи налагаат промена на седиштето на овој факултет, наместо во Кичево да биде во Битола- изјави неодамна пратеникот Кирацовски, кој доаѓа од Битола.

На тоа реагираше пратеникот Милошоски:

– Предлогот на Кирацоски и Милевски за преместување на Правниот факултет од Кичево во Битола сам по себе е доказ дека владеачката коалиција грубо ја нарушува автономијата на универзитетот, спротивно од она што го ветуваа пред изборите, и тоа по скратена постапка. Аргументите за бројот судии, адвокати и нотари во Битола, споредено со Кичево, се толку слаби што доколку истите се применат на државно ниво, по логиката на Кирацоски и Милевски би требало сите факултети од Битола, Охрид, Штип, Прилеп и Тетово да се преместат во Скопје, бидејќи таму има повеќе судови, адвокати, институции, болници, индустрија и културни установи. Пратениците од власта во Битола треба да разберат дека не е чесно со Кичево да се однесуваат онака како што не сакаат раководните луѓе во Скопје да се однесуваат кон Битола- вели Милошоски.