Градоначалниче, ако некој градеше фонтани и паркови не значи дека ти сега за инает треба да ги запуштиш. Фати се за работа, општината ни пропаѓа- гласи пораката од граѓани на општина Аеродром упатена до градоначалникот Златко Марин, преку социјалните мрежи.

Реакциите на граѓани, како оваа на „Фејсбук“, се поради запуштеноста и нефункционирањето на повеќе фонтани на територијата на најголемата скопска општина.

Актуелната локална власт, пред изборите, на граѓаните им ветуваше повеќе зеленило, хигиена, почист воздух и попријатен амбиент за живеење. Но, откако „дојде живот“ во Аеродром, наместо нови паркови, се сечат дрвја и се уништува зелен простор за нови градби, а се запушта и тоа што веќе е изградено како инфраструктура од претходната локална власт, реагираат граѓаните.

Популарната детска улица, која го носи името на Тоше Проевски, е со оштетени жардиниери, запуштени и исушени дрвца во нив, а вон фукнција е и спомен фонтаната што е посветена на трагично загинатата пејачка ѕвезда. Оваа улица за пешаци е омилено место за рекреација и на деца и на возрасни од овој дел на градот.

Освен спомен фонтаната на Тоше, запуштени се и не работат фонтаните во детското игралиште во Ново Лисиче, големата фонтана на булеварот Кузман Јосифовски Питу во Аеродром и други.

На фејсбук страната „Аеродром во моето срце“ се објавени повеќе фотографии од фонтаните во оваа општина, а од нив се гледа дека истите се во очајна состојба.