Грчки и американски воени авиони денеска со прелет над Скопје ќе го поздрават членството на Македонија во НАТО, информираат од Министерството за одбрана.
Прелетот ќе биде околу 11:20 часот.
Два авиона на американското воено воздухопловство придружувани од два воени авиона на Република Грција, ќе извршат прелет над територијата на Македонија. Прелетувањето ќе биде во чест на нашето членство во НАТО. Авионите ќе летаат долж реката Вардар, а ќе дојдат од правец на скопскиот аеродром.
-Нашите американски сојузници испраќаат силна порака дека нашите две земји одржуваат одлична соработка и дека по континуираната поддршка што ни ја даваа на патот кон НАТО, и по влезот во Алијансата остануваат и понатаму наш силен сојузник и стратешки партнер, потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Американските авиони полетаа вчера од сојузната држава Јужна Дакота и ќе имаат 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух. Доколку временските услови го озвозможат тоа, заинтересираните граѓани ќе можат да го набљудуваат прелетот на американските авиони и авионите придружници од грчката воена авијација над Скопје. Авионите над нашата земја ќе летаат на височина од 1.500 метри и нивниот прелет ќе биде проследен со силен звук. Демонстрацијата на овој прелет, како што е наведено, ќе биде уште една потврда за срдечниот прием на С. Македонија во НАТО и сигнал за продолжување на соработката, велат од МО.
Членството на Македонија во НАТО, се додава натаму, започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при здравствената криза од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Во соопштението се додава дека, како нова членка на НАТО, РС Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО.