Пратениците денеска треба да одлучуваат за одземање на мандатот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. За да му биде одземен мандсатот, потребно е двотретинско мнозинство, но, сѐ поизвесно е дека тоа нема да биде овозможено, со оглед на тоа што независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и „За заедничка Македонија” се изјаснија дека нема да го поддржат предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Собраниската Комисија со мнозинство гласови во средата го прифати барањето на судот да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство што пак одлуката на пратениците не го одложува извршувањето на казната

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

Со овој член од  Деловникот е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство.

Груевски вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот. Од судот информираат дека од денеска тече рокот од три дена во кои Кривчниот совет треба да донсе одлука по жалбите.