Пратениците се меѓу првите функционери, на кои од денеска им е подебел џебот. Со платата за март го добија и покачувањето, но само за деновите откако Уставниот суд ги укина одредбите од законот.

Освен нив, повисока плата очекуваат уште близу 600 функционери, меѓу кои и министри, градоначалници, но и разни координатори, директори, претседатели, секретари. Проценката е дека, ако не се укине, ова ќе ја чини државата најмалку 5 милиони евра годишно, пари на граѓаните. За економскиот експерт и поранешен советник во финансии Бранимир Јовановиќ, потегот дополнително ќе ја разниша довербата на граѓаните и во власта, но најмногу во судството, оти Уставниот суд, иако бил претрупан со предмети, веднаш земал да одлучува за ова.

Од Владата велат дека засега нема одлука за укинување на зголемувањето на платите на функционерите. Се уште ја разгледуваат можноста за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица. Од друга страна, експертите ја повикуваат јавноста да не бара од власта укинување на повисоките функционерски плати, туку зголемување за најмалку 20 проценти на платите на обичните граѓани.

Пред неколку дена Уставниот суд укина одредби од закон, со кои досега платата на функционерите се одредуваше со коефициенти според основицата од 26.700 денари, а сега таа ќе биде според просечната плата од 2022, која изнесува речиси 32.000. Со тоа, некои функционери ќе добијат повисока плата за фантастични 78 проценти.