Вчера на руска социјална мрежа беше објавено аудио кое авторот го нарече бомба и каде тврди дека нарачувам кокаин, но не беше кокаин туку нарачав масло од канабис, соопшти денеска пратеникот Павле Богоевски преку Фејсбук.

– Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет? Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност. Немам никаква намера да се правам светец, ниту да глумам дека сум изненаден зошто мојот политички противник одбра токму вака да ме нападне. Ама немам намера ниту да се правдам за мојот приватен живот, напиша Богоевски.

Тој рече дека очекува службите многу сериозно да го истражат овој случај.

– Ова не е снимка од телефонски разговор кој некако „протекол“. Поради тоа, не подлежи на заштита согласно Законот за заштита на приватноста од 2015г., кој се однесува на снимките по кои постапува СЈО. Но, ова е неовластено прислушкување и тонско снимање, предвидено со чл. 151 од Кривичниот законик и очекувам дека сторителот ќе биде изведен пред правдата, напиша пратеникот и учесник во Шарената револуција.

Во постскриптум Богоевски додава: Крајно време е да ја олабавиме законската рамка за медицинска употреба на канабисот и да ја декриминализираме личната употреба.