Главните аргументи со кои Министерството за правда ќе бара екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски е побивање на аргументите на судот во Грција околу дадените помилувања од претседателот Ѓорге Иванов, рече министерката за правда Рената Десковска одговарајќи на новинарско прашање.
-Помилувањата се дадени без правен основ, на законски одредби што во моментов не се во правна сила во Република Македонија и од тие причини практично не ни произвеле правно дејство. Секако се образложува и постапката која е правена со измена на законот и повлекувањето, рече Десковска.
Министерката посочи дека ново барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски од Грција е подготвено и оти во моментов се преведува согласно Договорот со Грција.
Десковска не сакаше да го коментира текстот на законот за амнестија, бидејќи е во фаза на договарање и не ги знае точно деталите и во кој правец им се различните мислења и разликите во концепирањето на текстот.
-Колку што знам се уште нема усогласена верзија. Ако во текот на денот излезе текстот без забелешки од било кој тогаш ќе можам да го коментирам. Сега во фаза на договарање не би сакала да коментирам, додаде таа.
На прашање дали недостигот на меѓународна потерница за поранешниот премиер Никола Груевски е причина за тој да не биде задржан во ниту една земја при неговоот бегство во Унгарија, Десковска рече дека ова прашање е во делот на Министерството за внатрешни работи, но дека тие држави немале обврски да делуваат ако немало во моментот меѓународна потерница.
– Како правник можам да кажам дека секоја институција дејствува врз основа на определени правни акти и на механизми кои функционираат. Ако немало во моментот меѓународна потерница, а како што знаеме немало, тогаш и тие држави немале обврски да делуваат, рече Десковска одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за правда, УНИЦЕФ, Адвокатска комора и Сојуз за превентива на престапништво и малолетничка деликвенција.