Основното јавно обвинителство Скопје започна постапка и одреди притвор за црногорски државјанин за сторено кривично дело – тешка телесна повреда, кој во ноември искршил маса во гостилница, а три дена по настанот кога со уште едно непознато лице дошол да му се извини на сопственикот го претепал до бессознание.

– Осомничениот, заедно со непознато машко лице, на 9 ноември годинава скршиле маса во гостилница во Скопје. Потоа на 13-ти истиот месец тој повторно со едно непознато лице се  вратил во истата гостилница и му се извинил на оштетениот за своето претходно однесување. Но, на излегување, без повод и причина, го нападнале оштетениот и тешко телесно го повредиле, удирајќи го со тупаници во пределот на носот и лицето, се вели во соопштението од ЈОРМ.

Од ударите оштетениот се здобил со повеќе скршеници и паднал во бессознание, а осомничениот и непознатото лице го напуштиле местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство со оглед на тоа што тој нема пријавено живеалиште во Република Македонија.