Американски судија вчера ја отфрли тужбата поднесена во САД против престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, поради убиството на новинарот Џамал ​​Кашоги.

Не навлегувајќи во суштината на предметот, судијата Џон Бејтс соопшти дека е обврзан со неодамна искажаниот став на американската Влада, според кој престолонаследникот ужива имунитет од гонење, како шеф на влада на должност.

Џамал ​​Кашоги, кој првично беше близок со саудиската Влада, а подоцна стана нејзин критичар, беше убиен во декември 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул, во Турција. Убиството ја шокираше меѓународната јавност, а принцот Мохамед бин Салман беше непожелен на Запад.

Саудиските власти првично ја негираа неговата одговорност, но американското разузнавање го смета за организатор на убиството.

Свршеницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз, турска државјанка, и здружението „Демократија за арапскиот свет сега“ (DAWN) што таа го основа во САД, поднесоа граѓанска тужба до американскиот суд против принцот престолонаследник и други саудиски функционери.

На крајот на септември престолносаледникот Бин Салман,  кој со години е де факто владетел на монархијата, со кралски декрет беше назначен за премиер. Многу коментатори тоа го сфатија  како обид да го заштитат од гонење во странство.

По назначувањето на Бин Салман, владата на демократскиот претседател Џо Бајден кон средината на ноември изјави дека тој ужива имунитет.

Изјавата наиде на остри критики. „Вашингтон пост“, во кој Кашоги беше колумнист, го обвини претседателот дека „врти грб на основните принципи на слобода на говор и еднаквост“.

Белата куќа возврати дека правното мислење нема „никаква врска со билатералните односи“ меѓу двете земји.

Претседателот Бајден ја посети Саудиска Арабија во јули. Тој подоцна рече дека во таа прилика разговарал со престолонаследникот за убиството на Кашоги.