На ниво на државата судовите во вториот квартал не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и го зголемиле заостатокот за 2.127 предмети, беше констатирано на денешната седница на Судскиот совет, кој денеска ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април – јуни 2026 година. Во согласностр со извештаите, судовите го почнале вториот квартал со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, имале вкупно во работа 269.197 предмети, од кои решиле 119.782, а на крајот од периодот останале нерешени 149.415 предмети. Работата на судовите на ниво на државата е оценета како неажурна, а како еден од клучните проблеми повторно беше посочен недостигот од судски службеници.

На ниво на највисоките судови како неажурни се оценети Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд со само шестмина судии од предвидени 13 го завршил кварталот со 2.767 нерешени предмети, а Управниот суд со 26 судии и пополнетост на судската служба од 39,05 проценти завршил со 5.528 нерешени предмети. Врховниот суд, пак, е оценет како ажурен и покрај тоа што работи со 14 судии од предвидени 28.

Во апелациското подрачје Битола ажурни се Апелацискиот суд Битола и Основниот суд Охрид, а основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и во Струга се оценети како неажурни.

Апелацискиот суд Битола работи со само девет судии од систематизирани 25 и пополнетост на судската служба од 35,19 проценти, но сепак ја задржал ажурноста, на што, според образложението, помогнало привременото упатување судии од Гостивар.

Основниот суд Битола е со преполовен судиски кадар, 12 од предвидени 25 судии, и завршил со 7.468 нерешени предмети. Во Крушево работи само еден судија и еден привремено упатен судија, а судот кварталот го завршил со 530 нерешени предмети.

Основниот суд Охрид, иако работи со седум од предвидени 18 судии и двајца делегирани судии, е оценет како ажурен. Од друга страна, Основниот суд Прилеп, со осум судии и тројца делегирани судии, останал со 9.149 нерешени предмети, а Основниот суд Струга со само четворица судии и тројца делегирани завршил со заостаток од 9.115 предмети.

Во апелациското подрачје Штип како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица, а неажурни се Берово, Кочани, Радовиш и Штип. Неажурен е и самиот Апелациски суд Штип.

Апелацискиот суд Штип работи со 10 судии од предвидени 16 и го завршил кварталот со 2.106 нерешени предмети.

Особено лоша состојба беше посочена за Основниот суд Берово за кој на седницата беше наведено дека практично не функционира поради недостиг од судии и друг стручен кадар.

Како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и во Струмица. Основниот суд Струмица, со 12 судии од предвидени 20, успеал да го намали бројот на нерешени предмети на 3.319.

Неажурни остануваат основните судови во Кочани, Радовиш и Штип. Основниот суд Кочани го завршил кварталот со 3.179 нерешени предмети, а Радовиш со значителен недостиг на кадар и пополнетост на службата од 31,82 процент.

Во гостиварското апелациско подрачје ажурен е само Основниот суд Гостивар, а основните судови во Дебар, Кичево и Тетово, како и Апелацискиот суд Гостивар, се оценети како неажурни.

Апелацискиот суд Гостивар работи со 10 судии од систематизирани 16 и кварталот го завршил со 850 нерешени предмети.

Основниот суд Гостивар е еден од ретките што успеал да го совлада приливот на предмети. Од вкупно 12.523 предмети во работа, решил 6.394 и го намалил заостатокот на 6.129 предмети.

Основниот суд Тетово имал најголем обем на работа во ова подрачје, со над 21.000 предмети во работа, но и покрај тоа, останал со 8.346 нерешени предмети. Неажурни се и судовите во Дебар и Кичево.

Во најголемото апелациско подрачје во Скопје, ажурни се Апелацискиот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, како и основните судови во Велес и Кратово.

Апелацискиот суд Скопје, и покрај тоа што има пополнетост на судската служба од само 21 процент, е оценет како ажурен и кварталот го завршил со 7.488 нерешени предмети.

Неажурен е Основниот граѓански суд Скопје, кој има најголем заостаток во државата од 24.298 нерешени предмети. Судот работи со 56 судии од предвидени 77.

Основниот кривичен суд Скопје е оценет како ажурен и во вториот квартал решил 22.962 предмети од вкупно 43.572 во работа.

Како неажурни се оценети и основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово и во Неготино, а ажурни остануваат Велес и Кратово.

Од дискусијата на седницата произлезе дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од судии и особено со недоволен број судски службеници поради што Судскиот совет оцени дека кадровската екипираност останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.

Фото: архива