Кампањата за претстојните парламентарни избори веќе е во полн ек, пред започнувањето на официјалната кампања в среда.
Предизборните препукувања вчера ги подгреа инцидентот кога била фрлена експлозивна направа врз продавница во скопската населба Ѓорче Петров, во сопственост на семејството на потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, што повлече меѓусебни обвинувања помеѓу опозициската партија и владејачката СДСМ. Лидерот на СДСМ Зоран Заев на терен промовираше инфраструктурни проекти, ДУИ продолжи со темата за премиер Албанец, а на терен беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја повторно власта за лошо менаџирање на КОВИД кризата.
Во осврт на работата на Владата и подготовките за организација на предвремените парламентарни избори премиерот Оливер Спасовски вчера порача никој да не помисли да работи поинаку од своите професионални, законски и иставни должности. Апелира сите да придонесат за фер и безбеден изборен процес.
– Во тек се сите потребни подготовки. Покажавме, во изминатите три години, како чесна и одговорна Влада, дека кога постои политичка волја, може да се организираат фер избори. Порачувам да не помисли некој да работи поинаку од своите професионални, законски, уставни должности. Институциите, граѓаните, партиите, се должни да придонесат секој да гласа на фер и демократски избори, во безбедни услови по здравјето на гласачите, потенцира Спасовски, во интервју за 24 инфо.
Лидерот на СДСМ, пак, Зоран Заев, вчера заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски, беа на терен во Крива Паланка, да извршат увид во завршните активности за реконструкција на патниот правец Ранковце – Крива Паланка.
Заев посочи дека целиот Коридор 8 се реконструира, патните правци се обновуваат и за една година граѓаните ќе имаат целосно обновена и модерна патна мрежа кон Република Бугарија. Истакна дека Социјалдемократскиот сојуз е силно посветен на изградбата на крупни проекти, кои ќе донесат долгорочни бенефити за сегашните и за идните генерации.
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Радио Слободна Европа, во врска подгревањето на националистичките тензии во предизборието, нагласи оти смета дека национализмот не игра битна или доминанта улога пред избори, ниту има пресудно значање за тоа кој ќе биде изборен победник.
– Ваквите одредени изблици на национализам мене ми се чини дека се свесно медиумски насочени за да постигнат ефекти кај таргетиран дел од популацијата, вели претседателот на државата, истакнувајќи дека национализмот го поттикнуваат политичките партии кои учествуваат на изборите и сакаат да направат резултат и сметаат дека нивниот партиски електорат сака тоа да го чуе.
Околу идејата на ДУИ за „премиер Албанец“, Пендаровски нагласува дека нема никаква уставна, политичка или законска пречка премиер на државата да биде Албанец.
– Не навлегувам во тоа кои се нивните партиски мотиви, јасни ми се, меѓутоа не гледам никаква пречка да го истакнат тоа како свое политичко барање пред нивните идни потенцијални партнери во идната влада, ако бидат во таква ситуација. Она што јас сакам да го кажам во тој контекст дека досега владејачката партија, односно претседателот на најголемата партија во владејачкото мнозинство секојпат со два мали исклучоци бил и премиер. Премиерот, според нашата поставеност на политичкиот систем, е најмоќната политичка фигура, тоа го знаеме сите, додава шефот на државата.
Во врска со инцидентот со семејната продавница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мисајловски, Мицкоски вчера на новинарско прашање рече дека разговарал со Мисајловски за фрлената експлозивна направа и ги знае деталите.
– Индициите се дека ги знаеме сторителите, врз основа на информациите кои ги добив, патувајќи кон Куманово. Има индиции за сторителите на ова дело, го охрабрувам МВР, СВР Скопје, надлежните, што побрзо да го расветлат ова недело. Јас сум свесен за стравот којшто определени структури политички, политичари го чувствуваат поради дебаклот којшто ќе им се случи на 15 јули и ги повикувам да не конструираат вакви сценарија, бидејќи и после 15 јули треба да има живот во нашата држава, рече Мицкоски.
Тој рече дека вакви сценарија не се добро за никого, бидејќи може да биде лошо и за државата, бидејќи треба да се почнат преговори со ЕУ, за да стане членка на Унијата. Тој го осуди овој чин и порача дека не се плашат.
Нагласи дека ќе чекаат институциите да го расветлат настанот, а доколку тоа не се случи вети дека после 15 јули ќе ги стигне правдата и ќе бидат пример како се постапува во новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кога прaвдата ќе затропа на вратите на злосторниците и криминалците коишто ја злоупотребуваат сегашната ситуација за да спечалат политички поени.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, од своја страна, рече дека СДСМ и лично тој го осудуваат настанот и ги повикуваат надлежните институции до крај да го истражат настанот со фрлената експлозивна направа врз објект на Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ и носител на листа и да го најдат сторителот.
-Најповикан во овој случај е Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи, којшто ние имаме можност како граѓани да видиме за што навистина и како го злоупотребува Министерството за внатрешни работи. Секако, имавме можност да видиме како снима видео спот за партиски цели, наместо да се грижи и да се занимава со она што значи обврска како министер за внатрешни работи, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Струмица.
Додаде дека дополнително би сакал да одговори, како што рече на една лажна вест од претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој сериозно го обвинува СДСМ за настанот со објектот на Мисајловски.
-Уште еднаш ќе кажам дека станува збор за лажни вести и го повикувам Мицкоски да каже од каде му е таквата информација, дополнително затоа што сме сигурни во тоа што го кажуваме. Го повикуваме МВР да го истражи случајот и да ја потврди лажната вест на Христијан Мицкоски, дополни портпаролот на СДСМ, Костадинов во одговорот на новинарско прашање.
Мицкоски, одговарајќи исто така на новинарско прашање за време на посетата на Куманово, за условите што вчера ги упати ДУИ за премиер Албанец и за прифаќање на бугарските барања, рече дека ДУИ таквиот тип барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење на нивното членство.
– ДУИ изгледа се чувствува прекомфорно и комотна во ова тригодишната коалиција со СДСМ и мисли дека начинот на којшто функционира со СДСМ, така и со сите останати политички партии. Она што сакам да им го порачам и на нив од Куманово е да внимаваат како се однесуваат, бидејќи на Македонците и на останатите граѓани во Македонија им е дојдено веќе преку глава да бидат граѓани од втор ред. И таков тип на барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење и мотивација на сопственото членство, рече Мицкоски.
Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност. – Ваквата реторика и начин на однесување не само што не носи добро, туку напротив само ја заострува ситуацијата во државата. Ние ќе одговориме соодветно, затоа што, поминаа времињата кога ДУИ ќе се чувствува комотно и романтично во Владата на Република Македонија, изјави Мицкоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е победник на следните предвремени парламентарни избори заедно со Коалицијата „За обнова на Македонија“, повторувајќи дека на сите граѓани им е преку глава да бидат граѓани од втор ред.
Секретатор на ДУИ Артан Груби вчера на прес-конференција истакна дека ДУИ изборната кампања ќе ја започне со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници во Преспа, што ќе се одржи во среда со почеток од 13.00 на отворено, додека кампањата ќе ја заврши во Охрид исто така со собир на отворено.
-Причината за овој избор е ветувањето на ДУИ дека ќе биде гарантот на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, бидејќи овие документи и процеси се темел на нашата заедничка држава и на нашата евроатлантска определба. Ова е и основната агенда на првиот премиер Албанец, целосна интеграција во ЕУ и потполна рамноправност во сите сфери: економија, правда, работни места, квалитет на живот и др, рече Груби.
Истакна дека нивната кампања нема да биде вообичаена, но ќе биде Движење за првиот премиер Албанец, и поради тоа, како што рече, нашата организација ќе служи како платформа, повикувајќи ги сите граѓани Албанци и другите да му се придружат на ова движење и да го поддржат со идеи и придонес.