Ноќните клубови кои Владата ги држеше под клуч 19 месеци, од викендот пред вториот круг од локалните избори ги отвораат вратите за забави на затворено, иако бројот на заразени од Ковид-19 не стивнува и расте бројот на активни случаи.
Власта од една страна постојано не советува: мијте раце, носете маски, држете растојание, вакцинирајте се… од друга страна, на партиските митинзи и собири ни покажува на дело дека сето тоа не важи за нив. Секојдневно изминатиов месец гледавме и собири без дистанца, и неносење маски, и собири во затворено… А сега за да се одоброволат граѓаните и засегнатите од објектите кои се под клуч Владата чести „опа иха“ и таму каде што досега беше строго забрането и се кануваше.
Владата само на неколку дена пред вториот круг од локалните избори донесе одлука да им даде можност да работат тие што беа под клуч со образложение дека „епидемиолошката состојба го дозволувала тоа“.
Епидемиолошката состојба го дозволува тоа во период кога бројот на новозаразни расте и Македонија е меѓу рекордерите по бројот на починати од коронавирусот.
Услов кој е потребен за враќање во ноќниот живот е граѓаните да имаат примено вакцина, засега само една доза, а од 15 ноември со две дози. Овој услов ќе важи за влез како во ноќните клубови така и во другите локали и објекти за кои има ограничувања поради пандемијата.
Мерката на Владата која треба да штити од ширење на коронавирусот е објектите да работат само со 50 отсто од капацитетите, односно до половина полни објекти.