Скопје и скопјани заслужуваат вистински објекти со кои ќе се гордеат, во кои вистински ќе уживаат и за кои ќе раскажуваат на идните поколенија. Затоа Скопје ќе го има првиот градски јавен аквариум со капацитет и квалитет кој ќе биде рамо до рамо со европските аквариуми, најавува досегашниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат, Петре Шилегов.

Оваа најава од Шилегов доаѓа само на два-три дена пред вториот круг од локалните избори за Скопје, откако во првиот круг опозицијата веќе доби градоначалнички места на повеќето скопски општини.

– Град Скопје ќе го има првиот аквариум од градовите на поранешна Југославија. Со што овој објект ќе има и регионално влијание, односно планот е да стане една од „must see“ дестинациите при посетата во Скопје, како на наши граѓани од периферијата, така и гости од регионот, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. На овој начин самата инвестиција ќе се врати мошне брзо и ќе вработува нови млади научници и љубители на акваристиката и подводниот свет, ветува Шилегов.

Тој појаснува и детали од планот за аквариумот:

– Изложбениот дел ќе се состои од две нивоа со галерија, каде првенствено ќе бидат искористени сите можности кој ги нуди просторот и во кој ќе бидат сместени повеќе аквариуми егзотични видови и кои ќе бидат распределени по одредени континентални области, Јужна Америка со Амазонија, тропска Африка, Азија и Австралија. Аквариумите ќе бидат поделени системски на аквариуми со слатка и аквариуми со солена вода. Планираме да адаптираме идеални услови за преку 300 видови на риби, мекотели, водоземци и слично, вели Шилегов.

И сето тоа би било убаво да го има Скопје. Единствената маана на ваквите проекти е тоа што најчесто тие се „градат“ само пред избори и остануваат големи примамливи ветувања за да се добие мандатот, а потоа се забораваат. Како зиплајнот, тунелот под Кале и многу други проекти што Шилегов ги вети пред да го добие првиот мандат, а до денес не се реализирани, ниту пак има најава тоа да се случи во блиска иднина.

Така, сега, врз аквариумот на Шилегов, „сенка фрла“ зиплајнот и се губи во „темнината на тунелот под Кале“.