Дојава за бомба добиле во Јавното сообраќајно претпријатие рано утринава, дознава порталот Курир.
Според информациите на Курир, пријавата била во раните утрински часови, но засега нема повеќе детали. На вработените не им е дозволено да дојдат до своите работни места до целосна проверка на просторот.
Извори од лице место велат дека екипи на Министерството за внатрешни работи се веќе на терен.
Курир побара повеќе информации од МВР кои ги очекуваме наскоро.
Инаку, вработените на ЈСП за денеска најавија протест поради неисплатени плати.
Денеска точно напладне протест пред Владата. Вработените во ЈСП Скопје ќе протестираат пред владината зграда поради неисплатени плати.
-Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од денеска,12 часот ќе отпочне со протест пред Влада се до подмирување на долговите кон ЈСП, соопшти вчера генереланиот секретар при Град Скопје, Зоран Глигоров.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека автобусите на ЈСП ќе се постават пред сите институции и ќе блокираат сообраќај, се додека државата не го исплати долгот кој го има кон ЈСП.
– Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства, порача вчера Арсовска.
Од владата на Република Северна Македонија вчера најостро ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон ЈСП – Скопје, како што обвинува раководството на ова јавно претпријатие
Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза, велат од Влада.