Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од раскрсницата со булеварот „Словенија“ и улицата „Македонска косовска бригада“ до раскрсницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“, соопшти градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на неговиот Фејсбук профил.

Како што е соопштено, на почетокот на градежните работи присуствуваа и градоначалниците на Скопје и на Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски.

– Постојната улица „Босна и Херцеговина“ е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и широка е само 7 метри, а истата ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“. Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по 3 коловозни ленти во двата правци, 5 метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни – рече Шилегов.

Во кампањата пред референдумот за Северна, не само во Скопје, туку и пошироко во Република Македонија, „се се гради, се се менува“. Понатаму ќе почекаме да видиме што ќе биде изградено за свечено отворање со диџеј или чочек.