Имињата на селата Лешок, Варвара и Непроштено

Некогаш Лешок бил град и се викал Легенград. Градот се наоѓал на калево и бил заграден со висок ѕид таке да никој не можел да влезе и да го заземе. Когај дошле Турците пробале да го заземат, арно ама, никако не можеле. Тогај една жена им рекла: „Ако сакате да го заземете градот, идите откај планината“.

Тие га послушале и војската отишла откај планината, го нападнала градот и таке го зазеле. Људите што биле во градот заедно со царот Костадин успеале да избегаат и таке да се спасат. Ноќеска избеганите људи запалиле огин кај што е денеска селово Варвара. Когај виделе Турците оѓин извикале: „вар, вар“ што значи на турски „има, има“.

Од овја људи се создало селото Варвара, а името го добило по турскиот збор вар. Денешното име селото Лешек го добило по зборот леш што во преносна смисла се однесува на целосно разурнат град.

Жената што го издала градот, Костадин ја проколнал непросто да и биде до век. Од неа настанало селото Непоштено, а името е од зборот непросто.

Историски се знае дека Лешок бил град, меѓутоа него го разурнал Стеван Немања во 1189 година, а пак Турците Полог го освоиле кон крајот на 14 век.

Раскажал, Тоде Дамјановски-Гуде, забележал Илија Пертрушевски, Лешок.

Легенда за лешникот и името Лешек

Во Лешок и неговата околина, во дива форма е распространето лесковото дрво – лешникот. Од многу луѓе се слуша дека името Лешек потекнува и произлегува од името на дрвото леска, односно лешник.

Како факт дека Лешек го добил името по дрвото може да се потврди и по тоа што денес постојат два топоними со име леске. Едниот топоним е на влезот во селото, а другиот е над селото, над местото Солишта од левата страна на Лешочка река.

Раскажал Живко Трпко Спироски, Лешок, забележал, Митко Спироски, Лешок.

Променетото име на селото Непроштено во Андрејево

Селото Непроштено се наоѓа североисточно од Тетово, на 7 километри и е во подножјето на Шар Планина. Кај жителите на ова село има предание дека нивното село имало и друго име, за кое не е сочувано преданието за името, но е сочувано преданието дека ова име е дадено по клетва.

Во старо време во селото наишол еден владика кој бил преоблечен во питач. Пошто било лето, тој од селаните побарал вода, арно ама тие почнале да му се смеат и по него да фрлаат со камења. Тогај питачот го проколнал со зборојте: „Непросто да им биде до век“. За ова разбрале и од околниве села, селаните во 1930 година го промениле името во Андрејево кое се задржало до 1941 година.

Според сочуваните записи се разоткрива дека старото име на Непроштено било Крпение или Петрушани. Исто така во нивниот атар до атарот на соседното село Ратае има топоним Душогубица. Името на овој топоним укажува дека на ова место се случило масовно или поединечно убивање на луѓе поврзани со жителите на ова селото Непроштено, по кое селото го добило името.

Забележал Илија Петрушевски, Лешок.

Богатството на градот Легенград

Во Предание се пренесува дека средновековниот град Лешок се викал Легенград. Тој се наоѓал на денешното кале на кое сеуште се сочувани ѕидини од разурнатиот град.

Во предание кај жителите на Лешек се пренесува легендата за градското златно богатстство на градот.
Когај Турците го разурнале градот не можеле да го пронајдат златото затоа што тоа се наоѓало внатре во калето. Њего го чува еден голем смок кој еднаш годсишно излага да се напие водас у реката што тече покрај калето. Когај ќе излезе да пшие вода, опашката му е у дупката, а главата у Лешочка река.

Се раскажува у родот на Коачоој од соседното село Варвара дека еден од нивните предедовци вран за појас го пуштиле во пукнатината. Когај се приближил до златото, го видел свитканиот смок над златото и од сра се онесвестил. Когај го извлекле и го попрскале со вода тој се освестил и им раскажал на људите што го спуштиле у дупката.

Раскажал Тоде Дамјановски-Гуде, Лешок, забележал Илија Петрушевски, Лешок.

Од книгата „Лешок и соседните села“, (Духовна и материјална култура), Скопје 2005 г. (Подготви Марко Китевски)