Новите плати на функционерите, по одлуката на Уставниот суд, треба да се пресметуваат според бруто плата, а не според нето плата. Вакво известување, според информации на Телма, испратило Министерството за финансии до институциите кои пресметката за мартовска плата ја правеле по вредноста на просечна нето плата која изнесува 31.859 денари, известува ТВ Телма.

Тоа значи дека пресметките на синдикатите за зголемување на функционерските плати во проценти се точни, односно тие ќе се зголемат од 55 до 78 отсто во зависност од коефициентите. Просечната бруто плата за изнесува 47.637 денари, што значи дека претседателот и парламентарниот спикер како носители на највисок коефициент 4,5, односно четири и пол просечни плати ќе земаат нешто над 214.000 денари бруто плата (214.366 денари) или речиси 3.500-тини евра бруто или околу 140.000 денари, односно 2.266 евра нето плата. Претходно нивната плата беше под 1.500-тини евра.

Во Уставниот суд кој ја донесе одлуката да поништи два члена со ограничување на коефициентот за функционерски плати, велат дека укинатите членови биле спротивни на Уставот, а во законот биле предвиден точен коефициент кој се однесува на функционерските плати. Сега, според највисокиот суд, барањето на јавноста за помали функционерски плати треба да се адресира кон пратениците, велат во Уставен од каде посочуваат дека тие не определуваат проценти туку уставност на законски одредби.

Измената е веќе објавена на 23-ти март во Службен весник. За последните осум дена од минатиот месец, пратениците, министрите, судиите, обвинителите и сите останати избрани и именувани функционери ќе добијат повисоки плати пресметани според бруто просечната плата.