Комисијата за заразни болести на денешниот утрински состанок одлучи да достави предлог до Владата за продолжување на рестриктивниоте мерки за уште една недела.

Како што објави порталот Фактор, нивни извори од Комисијата информирале дека целосно ја следат епидемиолошката состојба и дека има извесно подобрување, но се уште е голем притискот во болниците. Тоа е главната причина, како што појаснуваат за Фактор, да предложат продолжување на рестриктивните мерки, односно на полицискуиот час и затворање на угостителските објекти до 27. април.

-Утринава одлучивме да доставиме повторно предлог до Владата, односно до владиниот Кризен штаб, овие мерки кои сега се на сила да продолжат уште една недела. Практично ќе останат на сила истите мерки кои важат до утре, а тоа е забрана за движење на граѓаните после 20 часот до 05 часот изутрина, како и кафулињата, рестораните, кафеаните, сите угостителски објекти да останат затворени. Се предлага и истата мерка, односно забрана на на одржување на семинари, обуки, конференции кои би значеле собирање поголем број луѓе, како и работата на фитнес центрите, вежбалните и така натаму. Значи предлогот е ист за рестриктивните мерки, но наместо до утре бараме да продолжи уште една недела, вели за Фактор извор од Комисијата за заразни болести.