Владејачките партии се поделени во ставот околу тоа дали треба да има предвремени парламентарни избори, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница на Централниот комитет ја потврди одлуката дека се подготвени за избори и притоа потсети на обврските на власта кои треба да ги исполни.

СДСМ се уште калкулира меѓу избори и можноста за убедување на опозициски пратеници во Парламентот да гласаат за договорот со Грција за смена на името во Северна Македонија. На лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев му е потребно да убеди десетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за неговиот капитулантски договор со Грција, кој народот со бојкот го отфрли на референдумот.

ДУИ, пак, коалицискиот партнер во власта е против предвремени избори.

Барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои беа дефинирани на завчерашниот состанок на партискиот Извршен комитет, а потврдени на синоќешата седница на Централниот комитет за Владата се неприфатливи. Владата останува на ставот дека следните денови ќе се направат сите обиди за да се разговара со пратениците со цел да се постигне договор за двотретинско мнозинство за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

ВМРО-ДПМНЕ има три барања – техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот.

– Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања, истакна вчера Заев.

Заев ќе убедува пратеници – вмровци

Најави дека останува на ставот во наредните денови да се разговара со пратеници во Собранието во, како што наведе, во една пријатна, нормална и одговорна атмосфера.

– Веруваме дека ќе имаме некаков резултат до крајот на неделава или почетокот на наредната. Некаде околу 10 октомври е некаков таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство, рече Заев.

Прашан дали ќе разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, премиерот Заев рече дека нема што да разговара со него.

– Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме ДИК со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за Македонија, рече Заев.

Во врска со можноста опозицијата да ги бојкотира изборите ако не бидат исполнети нејзините услови, Заев рече дека не верува во таква можност бидејќи, како што наведе „тој процес е заокружен кога била лидерската средба со прифаќањето на пржинска техничка влада  и со тоа апсолутно е заокружен процесот“.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа нагласи дека останува на ставот дека не го признава резултатот од референдумот, зашто го смета за груб фалсификат, а за денеска најави кривична пријава до Јавното обвинителство против повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај.

СДСМ брои само до 600 илјади, а не ги брои 1,2 милиона

Како што соопшти потпретседателот на партијата Алкесандар Николовски синоќа по седницата на ЦК, ВМРО-ДПМНЕ не води битка за власт и за избори, туку за зачувување на името на Македонија.

Николовски истакна дека на сите овие лица на товар им се ставаат шест кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластувања, несовесно работење во службата, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување и уништување деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.

СДСМ, пак на завчерашната седница на ИО заклучи дека пратениците во Собранието треба да ја следат јасно изразената волја на мнозинството од над 600 илјади граѓани, да преземат одговорност и да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ.  Доколку тоа не е можно, како што се наведува во партиското соопштение, тогаш веднаш ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

Извршниот одбор, како што се наведува во соопштението, ги овластил претседателот на СДСМ,Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.

ДУИ, пак смета дека не е време за избори. Централното претседателство на ДУИ вчера на седница заклучи дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, туку за изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Преспанскиот договор во Парламентот.

Претседателството на седницата во мала Речица оцени дека со евентуални избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што, пак, може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ.

Грција го поддржува Заев да го истурка бојкотираниот договор

Соседна Грција будно ги следи случувањата во Македонија по неделниот референдум на кој граѓаните се изјаснија по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. „За“ гласаа 91,46 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање, а  „против“ беа 5,66 од вкупно излезените 666.344 избирачи или 36,89 отсто од вкупниот електорат во Македонија.

Грчката Влада со став дека ги поддржува напорите за целиот процес да оди напред, затоа што ќе биде штета ако се загуби оваа шанса.

– Постојат политички опции што може да ги направи господинот Заев, кои би одвеле до уставна ревизија. Но, јас во овој момент не сакам да ги коментирам  внатрешно-политичките случувања. Постои силна политичка сила во соседната земја што се обврзува да направи напори со секое средство што го има на располагање за исполнување на суштинските предуслови, односно ревизија на Уставот и ние тоа и го поздравуваме и го пофалуваме. Тесно го следиме и го поддржуваме овој голем напор за целиот овој процес да оди напред и да не се загуби една голема шанса, една ваква голема шанса,  бидејќи ќе биде навистина штета, истакна министерот без ресор на Грција и портпарол на Владата, Димитрис Ѕанакопулос.

Да се почитува волјата на народот

Русија и натаму со став дека западните земји се обидуваат да ја вовлечат Македонија во НАТО и оти се мешаат во нејзините внатрешни работи.

– Западот, како и досега, се обидува да ја вовлече Македонија во НАТО, дури и по референдумот за промена на името, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според неа „очигледната цел на западните земји е по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО“.

– Ако зборуваме за немешање во внатрешните работи, тогаш не смееме да агитираме „за“ и „против“, доколку зборуваме за референдуми. Ако зборуваме за немешање во внатрешните работи и почитување на законот, вклучувајќи ги и меѓународните, тогаш првиот човек на еден блок од држави не смее да говори за одлука што треба да ја донесе парламентот на една земја, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи.

За случувањата во Македонија вера се огласи и шефот на турската дипломатијуа Мевлут Чавушоглу, кој порача НАТО и ЕУ да не се откажуваат од Македонија поради референдумот.

– Ние внимателно ги следевме случувањата. На крајот на краиштата ова е одлука на граѓаните на Македонија и ние тоа мора да го почитуваме. Од друга страна, ниту НАТО, ниту ЕУ не треба да се повлечат од поддршката и соработката со Македонија поради референдумот и резултатите од него. Впрочем, Македонија беше поканета да стане членка на НАТО на последниот Самит со едногласна одлука на сите сојузници, истакна Чавашоглу на заедничката прес-конференција во Анкара со холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок.