Преговорите за царините меѓу САД и Кина ќе продолжат денеска во Женева, изјави официјален претставник запознаен со нивниот тек.
Засега нема индиции дали е постигнат напредок за време на разговорите меѓу американскиот секретар за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, кои почнаа вчера и траеја повеќе од 10 часа.
Преговорите се одржуваат во вилата на швајцарскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, а Лифенг и Бесент се сретнаа во градот по неколку недели зголемени тензии околу царините за стоки меѓу двете најголеми економии во светот кои се зголемени за повеќе од 100 проценти.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека се постигнува „голем напредок“ во тековните преговори меѓу САД и Кина за царините што ја загрозуваат глобалната економија, а исто така најави дека е можно „тотално ресетирање“.
Трамп посочи дека преговорите за намалување на американските царини се иницирани од Кина.
„Многу добра средба денес со Кина, во Швајцарија. Многу се дискутираше, многу се договори. Целосно ресетирање е договорено на пријателски, но конструктивен начин“, напиша Трамп вчера на платформата Tрут Соушл.
Тој оцени дека во преговорите меѓу американската и кинеската делегација досега е „постигнат голем напредок“.
Кинеската официјална новинска агенција Синхуа објави дека разговорите во Женева се одржале „на барање на американската страна“ и дека Кина се согласила со нив „откако во целост ги земала предвид глобалните очекувања, националните интереси и апелите на американските бизниси и потрошувачи“.