Жителите на кумановско Слупчане, кое административно е во Општина Липково и денеска преговараат со ЕВН во врска со обновата на мрежата, дефектите и неплаќањето на потрошената електрична енергија.

Претставници на ЕВН, како што јави МИА, вчера одржале состанок кој минал во мирна и позитивна атмосфера, а денеска е предвидена уште една средба.

Преговорите меѓу слупчанци и ЕВН, кои еднаш ветија дека нема да ги попречуваат екипите при работата, следат по блокадите во Слупчане со кои недозволуваа екипите на ЕВН да влезат во селото, како што велеа, револтирани поради високите сметки за струја.

Неодамна од ѓители на селото беше оштетен главниот кабел и предизвикан голем дефект кој ги остави без струја и неколку други соседни села.

Според ЕВН, наплатата на сметките за струја во Слупчане се реализира само 20 отсто, додека кражбите на струја во селото се 80 отсто. Тие неодамна побараа да плаќаат најмногу до 3.000 денари месечно, без разлика колку потрошиле електрична енергија.

По блокадите минатиот месец слупчанци доставија неколку барања до ЕВН: Не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите, побараа да им се простат старите долгови и наместо редовна сметка, врз основа на податоците од струјомерите, да плаќаат месечен паушал од 3.000 денари.

– Домаќините си ја плаќаат струјата, но има поединци кои сакаат да злоупотребат повеќе луѓе за свои цели. Тоа нема да го дозволиме во Слупчане, изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.

На почетокот од минатиот месец министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи, беа во „мировна мисија“ меѓу Слупчане и ЕВН каде добиле беса (чесен збор) дека нема да ги напаѓаат екипите на ЕВН и дека тие може да дојдат и да го отстранат дефектот.

МИА: Успешен состанок одржаа претставниците на ЕВН и жителите на Слупчане

Успешен состанок одржаа претставниците на ЕВН и жителите на Слупчане, потврдија за МИА од компанијата и од Oпштина Липково. На денешниот состанок се финализираат техничките детали поврзани со модернизирање на мрежата во селото. Во понеделник, ќе има уште еден состанок.

-Денескa повторно се одржа успешен состанок меѓу претставници на ЕВН и претставници на селото Слупчане. На состанокот се финализираа техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник ќе се одржи последниот состанок, по кој следува спроведувањето на проектот, велат од ЕВН.

Претседателот на Советот на Општина Липково, Зекирија Шаини изјави дека се очекува да се финализираат некои финеси и детали и да се почне со модернизација на мрежата.

– Наскоро очекуваме да почне и модернизација на мрежата во селото, кажа Шаини.

Претходниот месец во два наврати жителите на Слупчане остануваа без електрична енергија и испратија барања до ЕВН. Од компанијата, тогаш  посочија дека поголем дел од слупчанци не плаќаат струја. На 27 јули беше постигнат договор кој наскоро треба да биде потпишан. Според последни информации модернизирањето на мрежата треба да почне на 9 август годинава.