Денеска е прекината работата на багерот за ископ на јаглен на најдолната точка во “Суводол“, но прекинот ќе биде краток, соопштија од РЕК Битола.

„Багерот 630/2 кој врши ископ на јаглен на најдолната точка во Рудникот ПЈС Суводол во РЕК Битола од попладнево е во краткотраен прекин заради обилните врнежи од дожд што го зафатија рудникот. Багерот е на најниската точка во ПЈС Суводол, бидејќи ги ископува последните количини на јаглен во тој дел од рудникот, по што ќе биде преместен на друга локација согласно планот за работа“, велат од термоелектраната.

Водата од собирникот што се наоѓа во непосредна близина на багерот, направен специјално за вакви ситуации, се исцрпува со пумпи и од РЕК Битола најавуваат дека багерската единица за неколку денови ќе биде повторно во функција.