Судијата Огнен Ставрев поради замореност на загрозениот сведок го прекина неговото денешно сослушување од страна на СЈО и од одбраната за предметот „Монструм“, а продолжението на судењето го закажа за во петок, кога ќе продолжи со сведочење.
Судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година, денеска продолжи по пауза од речиси месец и половина.
Загрозениот сведок на денешното рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка. На прашање од обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, тој рече дека за настанот дознал од медиумите и сам од морални причини се пријавил во полиција за да каже што знае.
Сведокот рече дека три-четири дена пред настанот видел четири лица со црн „голф 3“ со затемнети стакла и спортски издув на местото на настанот. Посочи дека имало црн висок човек, едниот имал лузна на левата страна, друг бил келав, еден на 50-тина години, а друг на 35-6 години.
Прашан како се однесувале, рече „нормално како сите луѓе“. Последен пат ги видел на 12 април.
Обвинителката Фетаи му посочи дека има разлики во исказите во однос на времињата дадени претходно и сега, на што сведокот одговори дека поминало многу време и оти не се сеќава.
Загрозениот сведок рече дека вршел препознавање во обвинителство, каде му биле покажани фотографии, без притисоци и закани.
Фетаи побара од сведокот да каже дали препознава некој од тие што ги видел на местото на настанот сега да се присутни во судницата. Препозна неколкумина и ги опиша, по што обвинителката Фетаи ги посочи Агим Исмаиловиќ и Самир Љута.
Фетаи побара Самир Љута да стане, на што сведокот кажа дека е 100 отсто сигурен дека е тоа лицето со лузна. Прашан од која далечина ги видел овие лица, кажа дека секогаш различно и дека ги имал видено од пет метри до еден метар близина.
Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, пак, се обидуваше да го наведе сведокот со прашања, а на секое прашање има реакција од СЈО или судот. Судот и обвинителите го подучија сведокот да не одговара ако не смета дека треба и да не ризикува да си го открие идентитетот.
Прашан колку возила имало на критичниот ден, загрозениот сведок рече дека заедно со Голфот биле три. На прашањето дали на препознавање му биле покажани 48 слики, одговори дека видел повеќе фотографи.
Прашан за тоа каква боја била лузната на човекот што го посочи како Самир Љута, рече дека била црвена боја.
Одбраната смета дека загрозениот сведок е конфузен во одговорите и затоа се сомневаат во вистинитоста на неговите искази. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.
Судијата Огнен Ставрев кажа дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници