Федерацијата на планинарски спортови во Македонија објави прирачник со кој советува како да постапите доколку бидете пресретнати од невреме на планина и како да ја избегнете оваа непријатна ситуација.

Заштита од удар на гром на планина нема и затоа треба да се преземат сите мерки да не се најдете во ситуација да ве зафати невреме на планина. Доколку планинарите, направете го тоа порано во текот на денот и попладне вратете се во долината или во планинарска куќа, бидејќи невремето на пролет и лето најчесто се случува во попладневните часови. Ако сепак ве зафати невремето додека сте на планина, веднаш оддалечете се од гребените, од самотните врвови и од металните осигурувалишта поставени низ планината, како што се клиновите и сајлите.

Отстранете ги сите метални предмети од вас и оставете ги на подалечно и сигурно место, бидејќи по невремето ќе ви бидат потребни. Седнете врз капата од ранецот, нозете пикнете ги внатре и облечете се со дополнителна заштитна облека и седете така што е можно понаведнати. Избегнувајте движење до осамени и изложени предмети како што се карпи и дрвја. Со телото не допирајте ја карпата бидејќи по неа може да се спушта громот.

Ако се наоѓате во јама или дупка, тогаш најсигурно место е средината на дупката. Избегнувајте го теренот каде што често удираат громовите, а таквиот терен ќе го препознаете по искршените дебели дрвја, ископани падини, црвенкасти карпи кои содржат метали, влажни карпести жлебови и канали низ кои тече вода. Ако сепак се симнувате надолу во текот на невремето, најдоброто растојание помеѓу планинарите е околу 20 метри. Најсигурно од удар на гром е на каменит сипар при што клечите или седите врз ранецот.

Федерацијата на планинарски спортови во брошурата напоменува дека мора претходно да се следи временската прогноза и да се почитува кажаното при планирање на планинарските акции. Задолжително е запознавањето со временските и климатските карактеристики на планината и врвот кои се дестинација, како и соодветното опремување и планирањето на времето на искачување и спуштање. Колку порано тргнете и се вратите – толку подобро, бидејќи невремето најчесто се случува во попладневните часови.

Внимавајте на развојот на средно високите заоблени облаци бидејќи нивната појава претпладне е најава за невреме во попладневните часови. Ако чувствувате влага во воздухот или нејасно се гледа во далечината, голема е веројатноста дека ќе се случи невреме. Доколку се подготвува невреме, оддалечете се од изложените места и најдете заветрина.