Загинал на само 27 години и претставува една од најмаркантните личности во НОБ на Македонија, а народот му испеа песна без која не почнува ниту венчавка, ниту крштевка во Тиквешијата. И по 75 години од смртта на еден од најголемите револуционери, тиквешани не можат да прежалат што Димката Ангелов – Габерот не бил прогласен за народен херој. Неговото име е толку врежано во свеста на луѓето, што во срцата на народот од овој крај прерасна во легендарна личност. Се бара тој да го добие вистинското место во македонската историја и да биде исправена една голема неправда од минатото. Се бара да се расветли и неговата смрт, бидејќи постојат сомневања дека бил предаден од своите.

Мики Камчевски, професор по историја во кавадаречката гимназија “Добри Даскалов”, потврдува дека и по 7,5 децении, останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и денес ја разбранува јавноста во целиот Тиквешки крај, зошто посмртно не му било оддадено признанието кое го заслужува.

Кавадарчаните Бошко Илиев и Методи Атанасов пливаа маратонски во водите на Тиквешкото Езеро. Испливаа пет километри за два часа во втората по големина вештачка акумулација во Македонија, со што ја одбележаа 75-годишнината од смртта на Габерот. Претходно, групата тиквешани положи цвеќе и испеа револуционерни песни пред спомен плочата во карпите над езерото, на местото на загинувањето, каде што своевремено била клинската леса. За животот и делото на револуционерот, проговори Денка Арсова од Ваташа, член на Совет на месна заедница. Додека траеше пливањето, планинари од планинарското друштво „Зелен брег”, пропешачија на брегот. Настанот кој беше организиран во соработка со месната заедница Ваташа, со својата атрактивност го предизвика вниманието на јавноста и доби бројни пофалби. Вкупно околу шест часа ни беа потребни, за со чамец да стигнеме до спомен плочата и да се вратиме назад.
– Водата во езерото и условите за пливање се одлични, рече Илиев, кој зад себе има над педесет маратонски пливања во земјава и странство. Атанасов кој е исто така љубител на пливањето, претседател на „Зелен брег“, изрази задоволство од едно вакво дружење во чест на Габерот и неговите загинати соборци, Ило Виларов и Пано Мударов, како и Стојан Крстев.
Претседателот на месната заедница, Зоран Пењушков рече дека Ваташа ќе се труди оваа манифестација да стане традиционална. Заедничката дружба продолжи во Моклишкиот манастир.
Во 1936 сред Кавадарци со говор против Владата
Како што раскажува професорот Камчевски, Димката Ангелов бил роден 1916 година во кавадаречкото село Ваташа. Уште како ученик другарувал со негови истомисленици, подоцна видни македонски револуционери, меѓу кои и Страшо Пинџур. На само 14 години се запишал на престижната учителска школа во Белград. Како што го опишува Пинџур во својот дневник, бил младинец со многу дарба. Стасит и убав, свирел неколку музички инструменти, ги играл сите класични и современи игри, а многу убаво и пеел. Со буен и револуционерен темперамент, не ја поднесувал неправдата, се бунел против неправедните постапки и ги критикувал. Многу читал. Се интересирал и за социјалните и економските проблеми на својот народ. Со група истомисленици го основале првото читалиште библиотека во Кавадарци во 1935 година.
– Со диплома на учител, но невработен, го направил својот прв јавен испад во 1936 година на плоштадот во Кавадарци. Таму пред голема маса народ отворено и смело ја нападнал експлоататорската политика на Владата. Жигосан како противник на режимот, долго останал без работа. Во 1937 година под обвинение дека е комунист, бил уапсен заедно со неколкумина други и одлежал три месеци во велешкиот затвор. За време на отслужување на воениот рок стекнал симпатии кај своите другари бидејќи секогаш се ставал во заштита на послабите и угнетувани војници. Бил омилен и кога подоцна се вработил како учител. На своја рака со младинци организирал курсеви за ракување со оружје. Пред почнувањето на Втората светска војна со група младинци од Кавадарци бил интерниран во логорот Меѓуречие во близина на Ивањица. Во логорот имало голем број револуционери од цела тогашна Југославија. Условите биле тешки и сурови. Покрај силните безбедносни мерки политичкиот живот меѓу затворениците бил богат па растурале летки со пропаганден материјал, а илегално бил растуран и партискиот весник „Пролетер”.
По иницијатива на месниот комитет на КПЈ за Кавадарци, во средината на мај 1941 година бил формиран Воен комитет во чиј состав бил избран и Габерот. Имале за задача да прибираат оружје, муниција и воен материјал останат по капитулацијата на старата југословенска војска и да организираат обуки со младите за ракување со оружје и негово одржување. Заедно со неколкумина други успешно се спротивставил на плановите на окупаторот за преземање на управувањето со библиотеката во Кавадарци. На 20 септември 1941 година бил избран за секретар на Воениот комитет. Учествувал во формирањето на првите партизански одреди во Тиквешијата и дал партизанска заклетва. Едно време бугарските власти распишале потерница по него, па морал цела една година да биде активен од илегала престојувајќи во многу куќи, плевни, колиби и пештери. Бил и командант на воениот комитет во Кавадарци.
Интензивно учествувал во подготовките за исфрлање на партизански одред. Во април 1943 година бил избран за политички комесар на штабот на третата Оперативна зона. На 14 мај 1943 година бил формиран Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов”, една од најголемите и најборбените партизански единици во тоа време во Македонија. Габерот бил избран за политички комесар. Го координирал и формирањето на гевгелискиот партизански одред и учествувал во неговата прва борбена акција, раскажа професорот. Си пукал во слепоочницата, но жив не паднал во рацете на непријателот Професорот Камчевски нагласува дека како борец, Габерот се одликувал со невидена храброст, жителите од селата во кои се изведувале борбени акции, се восхитувале на неговите пламени говори со кои просто го пленувал народот. Бугарскиот фашистички окупатор бил изненаден и шокиран од формирањето и првите борбени акции на двата партизански одреди. Затоа решил да организира една голема офанзива за да го уништат партизанското движење во овој дел на Македонија, но и да го заплашат населението кое го помагало. Својата немоќ бугарските фашисти ја искалувале со измачување врз голоракото население во Тиквешијата.
​- Во големата бугарска офанзива која започнала на 7 јуни 1943 година учествувале повеќе од 12 илјади бугарски војници, полицајци и контрачетници, наспроти тиквешкиот, гевгелискиот и еден одред од битолскиот крај. Времето поминато во илегалство, постојаните маршеви, борбите со фашистичкиот непријател, оставиле длабоки траги врз здравјето на Димката. Тешко болен, во придружба на неколкумина другари, бил испратен да закрепне во една пештера. Таму останале три дена. Кога разбрал за партизанските загуби во борбата со големата бугарска војска, иако болен и изнемоштен донел одлука да се оди кон логорот на одредот во планината Вишешница. Но во заседа која им била приредена помеѓу една стена и голем брест, биле нападнати од бугарската војска. Тројца негови другари биле убиени, а Габерот упорно пукал кон непријателите. На две места ранет, во еден момент со сопствениот пиштол си пукал во главата и самиот си го одзел животот, за да не падне жив во рацете на Бугарите.Имал само 27 години, додаде професорот.
Народот му го даде своето признание

Габерот не беше прогласен за народен херој, но народот му го даде своето признание и тој стана легенда, многумина од тие што по своите заслуги не му беа ни до раменици станаа народни херои, категоричен е Петре Камчевски, историчар и до неодамна директор на кавадаречкиот музеј. Во Тиквешко нити свадба, ниту крштевка не почнува без песната “Впештера долу Габерот

лежи”.

Таткото на Димката, Ташо Ангелов, уште во 1961 година му пишал на првоборецот Ристо Џунов и му кажал дека испратил писмо до Тито со прашање зошто син му не е прогласен за народен херој. ​Наце Златев, претседател на Здружението на борците од Кавадарци, вели дека своевремено, тие постојано предлагале Габерот да биде прогласен за народен херој, но централата упорно одбивала. ​

– По толку години по неговата херојска смрт, се уште си го поставуваме прашањето зошто Габерот не беше прогласен за народен херој, додава тој. ​Златев не може да одговори дали има вистина во шпекулациите дека Габерот бил предаден од своите. Вели дека се водела своевидна “психолошка војна” на оваа тема и се ширела “некоја фама”, од неговата смрт до денес.
Некои наши соговорници велат дека е можно да имало негативен набој кон семејството на илинденецот Ташо Ангелов, таткото на Габерот, чии синови биле определени за самостојна Македонија. ​
Наќо Ангелов-Рочко, едниот брат на Габерот, исто така првоборец, бил во Чехословачка, но Тито не сакал да го прими назад во Југославија. Другиот брат, Борката Ангелов-Ваташки, бил началник на затворот во Идризово, но во 1951 година, за време на Информбирото, според семејството, индиректно бил убиен откако претходно бил затворен во затворот на Голи Оток.
Светлана Дарудова за МИА