Европскиот парламент денеска го одобри „Извештајот Саргентини“ со кој се бара од Европската Унија да го суспендира правото на глас на Унгарија во ЕУ, поради нарушување на владеењето на правото во земјата.
Иако одлуката допрва треба да биде едногласно одобрена од земјите членки на ЕУ, денешното гласање во Европскиот парламент е без преседан, бидејќи никогаш досега земја членка не била соочена со конкретна закана за активирање на членот 7 на Повелбите на ЕУ.
Членот 7 предвидува суспендирање на правото на глас на една земја членка доколку таа ги прекршува правилата и вредностите на Европската Унија.
За одобрување на членот 7 денеска беше потребно двотретинско мнозинство од присутните европратеници. Предлогот беше усвоен со 448 гласови „за“ и 197 „против“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера порача дека гласањето за овој Извештај претставува „навреда за честа на унгарската нација“.
Повеќето сопартијци на Орбан од Европската народна партија (ЕПП) гласаа за предлогот, вклучително и шефот на парламентарната група на ЕПП, Манфред Вебер, кој по вчерашниот настап на унгарскиот премиер оцени дека не видел желба за промена и приближување на ставовите од негова страна и дека поради тоа ќе го поддржи Извештајот на Саргентини.
Суспензијата на правото на глас на Унгарија меѓутоа не може да се случи без едногласна одлука на сите земји членки на ЕУ во Европскиот советот, а Унгарија може да смета на поддршката на Полска, која исто така се соочува со закана за активирање на „нуклеарната опција“.
Извештајот „Саргентини“ ја обвинува Владата на Орбан за злоставување на мигрантите и нивните права, ограничување на слободата на медиумите, за корупција и конфликти на интерес, прекрушување на владеењето на правото и „стереотипни однесувања“ кон жените.