Запленети 166 килограми канабис и два „калашникови“, убиен 39-годишен дилер и еден полесно повреден полицаец е билансот од вчерашната вооружена престрелка во близина на грчко – албанската граница, јави МИА од Атина.

Според грчката полиција, до престрелката дошло кога вчера попладне, со калашников бил отворен оган кон полицајци од Секторот за борба против дрога, кои во непроодната шумска областа се движеле пеш за да ја проверат информацијата за транспорт на дрогата преку грчко-албанската граница во пошироката област на Јанина.

-Полицајците одговорија на истрелите, при што еден 39-годишен странски државјанин е убиен, а еден полицаец полесно повреден. На местото беа пронајдени и запленети шест патни торби во кои имаше 13 пакети суров канабис, со вкупна тежина од 166 килограми и 200 грама и две воени пушки „Калашников“, соопштуваат од грчката полиција.

Повредениот полицаец бил пренесен во болницата во Јанина, додека, пак во тек е полициска акција за пронаоѓање и апсење на другите сторители.

Како што објави синоќа МИА, во вооружената престрелка во близина на грчко-албанската граница, според локалните медиуми од областа Епир, убиениот дилер е албански државјанин.