Упадот на единиците на РОСУ во северна Митровица покажа дека силите на КФОР, односно на НАТО, намерно ја измамиле севкупната јавност и денеска на сите им е јасно според чиј налог и со чија помош преставниците на НАТО лажеле, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во разговор со кинескиот амбасадор во Белград, Ли Манчанг.

На средбата со рускиот амбасадор Александар Чепурин, Вучиќ изјави дека во сегашната ситуација Србија нема повеќе причини за доверба во мисијата на КФОР, односно на НАТО во Косово, бидејќи се покажало дека сè што се зборувало за движењето на единиците на РОСУ е измама, соопштија од кабинетот на Вучиќ.

На одделните средби на Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ со кинескиот и рускиот амбасадор, тие ги информирале за најновите настани по упадот на силите на РОСУ во Северна Митровица и побарале од амбасадорите да им пренесат на кинеското и на руското раководство дека Србија никогаш не била во потешка ситуација, и покрај постојаните повици за мир и стабилност и сериозниот пристап за решавање на сите проблеми.

Како што соопшти кабинетот на Вучиќ по средбата со двајцата амбасадори, тие уште во текот на денот ќе ги информираат раководствата на своите држави, додавајќи дека Србија може да смета на нивната поддршка.

Вучиќ утрово имаше состанок со шефовите на војската и полицијата и командантите на сите специјални единици на војската и полицијата, а одржана е и седница на српската Влада, поради која премиерката и министрите ги откажаа сите најавени состаноци и средби. Владата во Белград за денеска во 19 часот повторно има закажано вонредна седница.

Припадници на косовската специјална полиција РОСУ утринава по налог на специјалното обвинителство влегоа во северниот дел на Косовска Митровица и уапсија двајца припадници на косовската полиција од српска националност и двајца граѓани од северниот дел на Митровица.

Како што соопштија од косовската Влада, апсењата се поврзани со убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ и не се насочени против било која заедница.

Косовската полиција трага по потпретседателот на Српска листа на Косово, Милан Радојичиќ, кој според српските медиуми важи за еден од најмоќните Срби на Косово.

Портпаролот на КФОР на Косово, Виченца Гразо изјави дека таа служба знаела оти единиците на РОСУ ќе влезат денеска на север од Косовска Митровица и дека причината за апсењето на четворица е „приведување на правдата” во врска со случајот за убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ.

Градоначалникот на Косовска Митровица Горан Ракиќ, по седницата на Кризниот штаб на четирите општини во северно Косово изјави дека бараат веднаш да се ослободат граѓаните на Косовска Митровица кои беа уапсени утринава или властите да достават валидни докази, најавувајќи мирни протести.