Врховниот суд на Јужна Кореја пресуди денеска дека јапонската корпорација „Нипон Стил енд Сумитомо метал” треба да ги обештети четворица Јужнокорејци за нивната принудна работа за време на Втората светска војна.

Јапонската компанија соопшти дека одлуката на судот e „екстремно разочарувачка“ и оти внимателно ќе се запознае со случајот пред да преземе понатамошни чекори.

Врховниот суд ја потврди пресудата од 2013 година, според која компанијата треба да плати 100 милиони вони (87.700 долари) на секој од четворицата работници, кои покренаа тужба во 2005 година со барање за добивање надомест и неисплатени плати.

Судот наведе дека правото на поранешните работници да добијат надомест не било прекинато со договорот од 1965 година за нормализирање на дипломатските односи меѓу Јапонија и Јужна Кореја и ги отфрли тврдењата на Токио и јапонските судови.

Властите во Сеул и експертите стравуваат дека одлуката, која е конечна и обврзувачка, може да има импликации за односите меѓу двете земји. Ако „Нипон Стил енд Сумитомо метал” одбие да го плати надоместот, тужителите може да побараат конфискување на имотот на компанијата во Јужна Кореја, а тоа може да доведе до повлекување на некои јапонски компании и намалување на инвестициите.

Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти во 2016 година дека евентуална конфискација на средства на компанијата може да ги втурне односите кон „неповратна катастрофа”.

Јапонското МНР тврди дека прашањето за надоместот било „решено целосно и трајно” со договорот од 1965 година и најави дека ќе го повика јужнокорејскиот амбасадор. Јапонскиот министер за надворешни работи Таро Коно ја оквалификува пресудата како „незамислива”.

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека Токио ќе одговори цврсто, а заменикот-главен секретар на Владата Котаро Ногами рече дека Јапонија ќе разгледа различни опции, вклучувајќи обраќање кон меѓународен суд ако Јужна Кореја не реагира брзо.