Претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа,  Лилиан Мори Паскиер, ја поздрави ратификацијата од страна на грчкиот парламент на „Преспанскиот договор” склучен на 17 јуни 2018 година помеѓу Скопје и Атина, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

-Ова е историски момент и сакам да им честитам на премиерите Заев и Ципрас за нивното лидерство по ова прашање, како и на членовите на парламентите во Скопје и Атина за нивната определба и храброст да го решат долготрајниот билатерален спор кој многу години ги мачеше односите меѓу двете земји , рече швајцарската парламентарка, која претседава со паневропската асамблеја.

Ратификацијата на овој договор, нагласи, го отвора патот за нова ера на стабилност низ целиот регион и претставува добар пример за помирување и одговорност.

-Договорот ќе биде од корист за жителите на двете земји, регионот и цела Европа, посочи Лилиан Мори Паские.