Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Република Турција по повод учеството на петтиот дипломатски форум во Анталија, кој се одржува од 17 до 19 април, на тема „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, пред официјалниот почеток на форумот претседателката денеска во Истанбул ќе оствари билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Сиљановска-Давкова утре ќе се обрати на лидерскиот панел на дипломатскиот форум во Анталија, кој ќе го модерира Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално собрание и шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
На панелот ќе учествуваат и претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, премиерот на Пакистан, Мухамад Шехбаз Шариф, премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, и премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.
– На 5. дипломатски форум во Анталија, кој го организира Министерството за надворешни работи на Република Турција под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, најавени се учесници од 155 земји, меѓу кои 21 шеф на држави и влади, 61 министер, како и десетици парламентарци – информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.




