На само неколку денови од претседателските избори во Хрватска и уште два дена кампања, анкетите покажуваат прилично изедначен рејтинг на Зоран Милановиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ. Локалните медиуми пишуваат дека со ваков однос на силите, секој глас може да биде одлучувачки.

Денеска и утре двата кандидати ќе имаат телевизиско соочување и тоа, вечерва на ХРТ, а утре на НОВА ТВ. Според аналитичарите ова ќе биде можеби решавачко за тоа кој ќе биде новиот претседател на Хрватска во наредните пет години, јави дописникот на МИА од Загреб.

Неизвесноста се зголеми и по одлуката на Мирослав Шкоро, кој беше трет по првиот круг на изборите, да не ги повика своите избирачи да гласаат за некој од кандидатите и покрај тоа што се претпоставуваше дека најверојатно тие ќе гласаат за Грабар-Китаровиќ.

Интересно е дека според локалните медиуми, за време на претстојниот викенд дури 70.000 Хрвати со право на глас ќе одат на скијање. Според кандидатот Милановиќ, таа бројка на гласачи може да биде одлучувачка во вториот круг, па затоа ги замоли граѓаните да му „дадат“ еден ден од своето време и да гласаат, за во спротивно, како што рече „да не не санкаат“ наредните пет години.