Полициски службеници од ПО Чашка и ОВР Неготино во Чашка и Неготино реализираа превентивни активности „Заштити го својот дом“, во рамки на кои ги советуваа граѓаните како да се заштитат од различни форми на кражби, да ги заштитат своите домови и да внимаваат на своите лични предмети.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци и ПС Виница во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во село Ваташа, кавадаречко и ООУ „Славчо Стојменски“ во Виница, реализираа едукативно предавање за заштита од врсничко и сајбер насилство. Учениците се запознаа со облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави, но и за последиците што може да се појават, при што, им беа потенцирани начините и методите за навремено превенирање и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите. Во ОУ „Даме Груев“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола реализираа превентивна активност со цел укажување за штетните последици од болестите на зависност, како и начините и методите кои што треба да се користат и применуваат во справувањето со овој вид на девијантни појави.
Полициски службеници од ПС БПС Велес, Кочани и Штип спроведоа превентивни активности, укажувајќи им на граѓаните на обврската и потребата за задолжително користење на сигурносен појас како за возачите, така и за останатите патници со цел зголемување на личната безбедност. Исто така, беше нагласена обврската за редовно одржување и техничка исправност на возилата, како клучен предуслов за безбедно учество во сообраќајот.
Вчера полициски службеници од Отсекот за превенција и Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес, по повод 18 октомври, Европскиот ден за борба против трговија со луѓе, реализираа превентивна активност со цел на граѓаните да им се појаснат формите и начините на кои организираните групи го вршат овој вид на криминал и ги советуваа како да се заштитат себе и најблиските. Денеска на истата тема, полициски службеници од СВР Штип реализираа едукативни предавања во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип, СОУ„ Наум Наумовски Борче“ во Пробиштип, ООУ „Ванчо Прќе“ и ООУ „Климент Охридски“ во Делчево.